Скок на цената на нафтата по изјавата на Путин

Нафтата скокна за повеќе од два отсто денеска, 21 септември, откако рускиот претседател Владимир Путин најави делумна воена мобилизација, потег што ја ескалираше војната во Украина и ја зголеми загриженоста за снабдувањето со нафта и гас.

Фјучерсите на суровата нафта „брент“ поскапеа за 2,28 долари или 2,5 отсто, на 92,90 долари за барел, откако претходниот ден паднаа за 1,38 долари. Американската сурова нафта WTI беше на 86,16 долари за барел, што е раст од 2,22 долари или 2,6 отсто.

Путин рече дека потпишал наредба за делумна мобилизација почнувајќи од средата, велејќи дека ги брани руските територии и дека Западот сака да ја уништи Русија.

Ескалацијата секако ќе доведе до зголемена неизвесност во однос на снабдувањето со руски енергенси, изјави Ворен Патерсон, еден од шефовите на ING, пишува Ројтерс.

Како што понатаму изјави, „овој потег веројатно може да доведе до повик за поагресивна акција против Русија во однос на санкциите од Западот“.

За потсетување, нафтата скокна и достигна повеќегодишни највисоки нивоа во март по избувнувањето на војната во Украина.