Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека околу 300.000 луѓе ќе бидат опфатени со делумната воена мобилизација, што утрово ја прогласи Владимир Путин. Во претходно снимената изјава, Шојгу кажа дека ќе бидат повикани само оние кои имаат претходно армиско искуство.
„Ние не се бориме против Украина, туку против целиот запад. Оваа мобилизација е само еден отсто од нашиот потенцијал“, кажа Шојгу.
Истакнувајќи дека целта на Русија е ослободување на Донбас, Путин кажа дека мобилизацијата е неопходна за да се заштити народот на ослободените територии во Украина.
Тој притоа ги поддржа најавените референдуми за анексија во окупираните региони Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје, кои претставуваат 15% од територијата на Украина. Добар дел од нив и натаму е под контрола на украинските сили.
Путин исто така нареди зголемување на средствата за руската воена индустрија, со цел да се поттикне производството, додека руската војска тешко се справува со украинската противофанзива, особено на источниот фронт.
„Имаме многу оружје за да одговориме на западните закани. Ние не блефираме“, кажа Путин.