Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, кој предводи Владина делегација во Њујорк, денеска присуствуваше на отворањето на 77-то Генерално собрание на Обединетите нации.
Годинешната генерална дебата на Генералното собрание на ООН е посветена на дискусија на тема „Tрансформативни решенија на испреплетени предизвици“, со фокус на решенијата кои земјите ќе ги изнајдат преку солидарност, одржливост и наука. Генералната дебата ја отвори генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш во присуство на лидерите и делегатите од земјите членки на Организацијата на Обединетите нации. Главен фокус на отворањето беше позицијата и повикот за заедничкото делување и дијалог како единствениот начин кој ќе овозможи развој. Воедно, беше посочено дека ниту еден глобален предизвик, не може да се реши без здружени напори на сите земји и чинители.
Покрај присуството на генералната дебата на Генералното собрание на ООН, денеска попладне премиерот Ковачевски, заедно со останатите негови колеги од земјите од Западен Балкан ќе присуствува и на работен ручек, организиран од високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел.
За утре е предвидено претседателот на Владата Димитар Ковачевски да се обрати на состанок по повод 30 години од Декларација за малцинските права, а на 24 септември ќе говори на Генералната дебата на Генералното собрание на ОН.
Премиерот Ковачевски во рамките на посетата на Њујорк ќе има и неколку билатерални средби и предавање на Универзитетот Колумбија.
Владината делегација, која ја предводи премиерот Ковачевски во Њујорк, ја сочинуваат министерот за надворешни работи Бујар Османи, постојаниот претставник на Република Северна Македонија при Обединетите нации во Њујорк, Љубомир Фрчковски, Едмонд Адеми, советник за надворешни работи на претседателот на Владата на Република Северна Македонија.