„Денес професиите не ги делиме на машки и на женски, туку нас жените нè има во секоја професија затоа што сметаме дека имаме доволно капацитет и квалитети кои треба да ги покажеме и со кои што треба практично да помогнеме во општественото живеење, а со тоа да и помогнеме и на нашата држава“. Ова го истакна Славјанка Петровска, министерката за одбрана во емисијата „Приказна“ на МРТВ.
Таа додава дека жените не се само квота и бројка во општеството, туку дека даваат реални и квалитетни резултати.
„Убедена сум дека нашите граѓани одлуките на изборите без разлика дали се претседателски, парламентарни или локални во иднина сè помалку ќе ги носат врз основа на тоа дали некој кандидат е жена или маж, туку дали ќе бидат уверени во неговите или нејзините квалитети“ – смета Петровска.
За изложеноста на жените на сексизам и дискриминација, Петровска истакна дека таа појава сè уште постои и дека е потребна гласна осуда од целото општество.
„Јас бев предмет на напади и тоа во голем дел беа лични напади врз основа на мојот изглед, начинот на облекување. Тие веројатно имаа една единствена цел – а, тоа беше да ме демотивираат да продолжам по патот по кој сум започнала да одам. Како што гледате и после осум месеци од почетокот на тие напади, јас сè уште сум на истата позиција и не се колебам што сум тука. Им благодарам на сите добронамерни критичари и јавно и приватно кои ми даваат сугестии не само во поглед на моето однесување и облекување, меѓутоа и во поглед на работата, затоа што целта на секој од нас е да се стремиме да бидеме подобри во тоа што го работиме, а секогаш за добрите критики има доволно простор“ рече таа.