Словенците ѝ испраќаат тенкови на Украина, а за возврат од Германија ќе добијат камиони

Словенечкиот премиер Роберт Голоб постигна денес со германскиот канцелар Олаф Шолц договор за испраќање 28 словенечки тенкови М55С во Украина, за што Словенија од Берлин ќе добие 40 германски транспортни возила, соопшти кабинетот на словенечкиот премиер, а пренесува агенцијата СТА.

Голоб и Шолц во телефонски разговор денес договорија Словенија да добие од Германија 35 воени камиони 8х8 и осум тешки цистерни 8х8. Кабинетот на премиерот Голоб соопшти дека договорот е склучен „во духот на солидарноста со украинскиот народ кој се бори против руската агресија“, додека оваа „размена ќе ја зајакне и одбранбената соработка на Словенија и Германија“.

Пред неколку месеци Словенија и Германија преговараа за можноста Љубљана на Киев да му донира тенкови М84, а за возврат од Германија да добие помодерни тенкови. До тој договор не дојде. Словенечкиот и германскиот лидер разговараа и за енергетската криза и за ситуацијата на Западниот Балкан, при што ја поддржаа европската перспектива на земјите од регионот, пишува СТА.