Бислимоски: Струјата од 1. јануари нема да поскапи ако ЕСМ си ја заврши работата
Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски во интервју за „Денар.мк“ вели дека струјата нема да поскепе од 1 јануари доколку ЕСМ си ја заврши својата работа.
„За да има корекција на цената на електрична енергија треба да има прво барање за тоа. Но, прво треба да се направат сите напори, да се обезбедат сите потребни ресурси, да се обезбеди јаглен, мазут, поевтин природен гас, за да може да обезбедиме електрична енергија како држава за да им се помогне и на компаниите кои се излезени на слободниот пазар на електрична енергија како и на јавните комунални претпријатија кои се излезени на слободниот пазар на електрична енергија. Прво треба да видиме колку ќе не чини таа енергија од Бугарија, па се најавува дека ќе се обезбеди поевтин природен гас. Да го видиме тоа па на крајот ќе видиме што ќе ни достави ЕСМ. ЕСМ треба да се јави на тендерот на ЕВН ХОМЕ за од први јануари да помогне и за загубите во дистрибутивната мрежа, и во преносната мрежа, па дури потоа ќе видиме. Најдобро би било, секој да си ја гледа својата работа. Регулаторната комисија за енергетика ќе анализира дали воопшто има потреба за зголемување на цената. Сега сме септември, рано е, да ги видиме бројките какви ќе бидат“ вели Бислимоски.
Тој во интервјуто вели дека моментно „загубите во преносна мрежа се околу 1,2 отсто иако со нашиот правилник се дозволени три отсто, а во дистрибутивната мрежа признаваме загуби од 12,4 проценти. И тоа ние ги намалуваме секога година. Единствена причина зошто порасна цената за мрежарина е бидејќи е зголемена и цената на електричната енергија за обезбедување на тие загуби“.
За барањето на Здружението на јавните комунални претпријатија кои стравуваат за иднината на овие компании поради високите сметки за електрична енергија, Бислимоски вели:
„Сите јавни комунални претпријатија според Законот за енергетика ги исполнуваат условите електричната енергија да ја купуваат на слободниот пазар. Најголем дел од нив веќе добиваат сериозно високи фактури на месечно ниво кои се повисоки од вкупните приходи кои што ги направило едно јавно комунално претпријатие на месечно ниво. Тоа значи дека 100 постотна наплата да има претпријатието не стасува да се плати сметката за струја. Да не зборуваме за плати на вработените, за тековни трошоци во работењето за инвестиции за тоа би немало ништо и тоа е веќе сериозен проблем. Мора да се најде начин да им се помогне на овие јавни комунални претпријатија, се со цел да им се намали трошокот за електрична енергија“.
На прашање кога граѓаните би можеле да очекуваат намалување на горивата во Македонија, Бислимоски со став:
„Последниве десетина дена има и намалување и зголемување, но постои тренд на намалување кај дизелот, и тоа што може да се забележи е дека има и намалување на курсот на доларот. Пред две недели курсот на доларот стаса до 62,2 денари, а сега гледам дека курсот на доларот во последниве неколку дена е 60, 5 или 60 ,7 денари, сакам да верувам дека, краткорочно кажувам, можеби во следната недела ќе имаме и одредени промени во цените на нафтените деривати. Но не можеме да констатираме со сигурност, од ден на ден се менува ситуацијата“.