Режисер Владимир Милчин кој е поранешен извршен директор на Фондацијата „Отворено општество – Македонија“, го повика премиерот Димитар Ковачевски да одговори на обвинувањето од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, дека свесно избегнал служење воен рок за време на конфликтот во 2001 година.
„Премиерот е должен да одговори на ова. Доколку се работи за вистина, ќе треба да си поднесе оставка. Доколку е клевета, ќе треба Ковачки да си поднесе оставка. Во раководства на двете партии ќе мора да паднат оставки, зависно од вистината. Ова е премногу сериозно за да се затрупува со вревење на ФБ и во медиумите. Ковачевски должи одговор“, напиша Милчин на Фејсбук.
Ковачки тврди дека Ковачевски не одговорил на повикот од Армијата на Република Македонија среде војната со терористичката ОНА, наведувајќи дека е „трајно неспособен“.
„Ковачевски не се јавил на отслужување на воен рок и не се пријавил во 2001 година, иако бил повикан. Ковачевски е човек дезертер, кој не заслужува да ја води државата! Го повикуваме во рок од 24 часа да каже дали навистина избегал и дали е трајно неспособен или лажел пред институциите и лекарите? Да излезе и да каже, во спротивно ќе објавиме се што имаме. Доколку е навистина трајно неспособен, тогаш мора веднаш да се повлече од премиерската позиција“ рече членот на ВМРО-ДПМНЕ.