Силен земјотрес го погоди Тајван, магнитудата е 6,5 степени по Рихтеровата скала

Силен земјотрес со јачина од 6,5 степени според Рихтеровата скала денеска го погоди југоисточниот дел на Тајван, но нема извештаи за материјална штета или прекин на електричната енергија.

Земјотресот бил на длабочина од 7,3 километри со епицентар во округот Таитунг, ретко населен дел од островот, соопшти тајванското метеоролошки биро.

Претходно, Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC) соопшти дека епицентарот на земјотресот бил на длабочина од еден километар и дека земјотресот бил со јачина од 6,5 степени.

Ејприл Јао, комесарка на округот Таитунг, на својата Фејсбук страница напиша дека земјотресот бил исклучително силен, додека официјалната Централна новинска агенција покажала слика од шишиња кои паѓаат од полиците во продавница во Тајтунг.

Тајванската противпожарна служба соопшти дека сè уште не добила извештаи за штета. Државната компанија „Тајпауер“ соопшти дека нема прекини на струја на источниот брег на Тајван.

Земјотресот можел да се почувствува низ Тајван, соопшти метеоролошката служба. Во главниот град Тајпеј накратко се тресеа згради.

Тајван се наоѓа во близина на спојот на две тектонски плочи и е подложен на земјотреси. Повеќе од 100 луѓе загинаа во земјотрес во јужен Тајван во 2016 година, додека во земјотрес со јачина од 7,3 степени во 1999 година загинаа повеќе од 2.000 луѓе.