Мешовитата мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Бугарија денеска ќе заседава втор ден во Скопје.
Македонските учебници по историја за 7-мо одделение и што би можело да се промени во нив – главна точка на дискусија на новата средба на Мешовитата историска комисија.
На претпоследниот состанок за оваа година, македонските и бугарските историчари се фокусираат на 10-иот и 11-иот век, а се очекува расправа и за раноосманлискиот период.
Дводневната средба се одржува во македонското МНР. Таму изутрината пристигна и бугаркиот тим, но одбија да дадат изјава за медиумите и да коментираат нешто повеќе за дневниот ред.
Ова е и прв состанок за еден член од македонскиот дел од комисијата. Станува збор за професорот Димитар Љоровски од Институтот за национална историја. Тој доаѓа на местото на Ванчо Ѓоргиев, кој ја напушти комисијата во октомври лани, обвинувајќи дека врз членовите се врши политички притисок и дека се напуштаат црвените линии.
Минатиот месец, Мешовитата комисија усвои и објави препораки кои се однесуваат на учебниците по историја за 6-то одделение во Македонија и 5-ти клас во Бугарија.
Во овие учебници треба да се менуваат лекциите за античкиот период, а беа усвоени и текстови врз кои заеднички ќе се слават Светите Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум и Цар Самоил.
По ова следуваа реакции од македонските интелектуалци во кои меѓудругото се велеше дека во учебниците ќе се шири софиската верзија на историјата, што подоцна беше остро демантирано од македонските историчари во комисијата.
Ова е четвртта од предвидените пет средби за оваа година, а пред историчарите се уште не е дојдена точката за Гоце Делчев.