„Денес имавме неколку конкретни теми на кои разговаравме и на кои постигнавме договор со Република Грција. Прво снабдувањето со лигнит и јаглен којшто доаѓа од рудниците во Грција ќе се одвива непречено во текот на целиот период, четвртиот квартал оваа година и првиот квартал идната година, со што ќе можат да бидат ставени во непречено функционирање производствените капацитети на јаглен во РЕК „Битола“ и во РЕК „Осломеј“, рече премиерот Димитар Ковачевски по средбата со неговиот колега од Грција, Мицотакис.
Македонскиот премиер рече дека разговарале за непречено снабдување со мазут преку Грција како што и досега имавме снабдување со цел непречено да може да функционира ТЕЦ „Неготино“, со што ќе обезбеди снабдување на електрична енергија, исто така, и од овој капацитет.
„Важно беше да се договориме со оглед на тоа што веќе се јавуваат недостатоци на енергенси и електрична енергија во цела Европа да обезбедиме непречено снабдување со овие енергенси и доколку се случи било какво ограничување од извозот од Грција се договоривме дека такво ограничување нема да биде воведено за Република Северна Македонија. Втората тема се големите проекти кои се однесуваат на енергетската трансформација, прво во однос на изградбата на гасоводот преку Грција, интерконекторот Евзони до Северна Македонија, односно до Неготино, веќе е отпочната процедура за маркет тест којашто треба да ја покаже економската исплатливост на оваа инвестиција и со оглед на тоа дека веќе има понуди за закупување на капацитети на овој гасовод, доколку се тече според планот, би требало изградбата да почне до крајот на годината“ рече Ковачевски.
Тој истакна дека „Мицотакис изрази задоволство што Северна Македонија ги отпочна преговорите со Европската Унија и што веќе сме на пат на полноправно членство во ЕУ и нормално ги даде на располагање капацитетите со кои располага Грција во делот на европските интеграции со оглед на тоа што тие се една од постарите членки на ЕУ“.