Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на своите уставни надлежности, денеска ги потпиша указите за поставување на должноста вонреден и ополномоштен амбасадор на С Македонија во Словачка, во Канада, во Кралството Норвешка, во Кралството Белгија и во Бугарија.
За амбасадор во Словачката Република е поставена Евгенија Илиева, во Канада за амбасадор е поставен Агрон Буџаку, додека во Кралството Норвешка за амбасадор е поставен Дритон Куќи. Сите тие неделава ги презентираа своите приоритети пред собраниската Комисија за надворешна политика.
Но, денеска зелено светло за заминување на амбасадорката функција добија и Методија Белевски за Кралството Белгија и Агнеза Руси Поповска за Бугарија.
Претседателот ги потпиша указите за нив без претходно тие да ги презентираат своите приоритети пред собраниската Комисија за надворешна политика, со која претседава пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски и чија работа по оваа точка деновиве беше често прекинувана, информираат од „360 степени“.
За Белевски, расправата во Комисијата беше одложена, додека сослушувањето на тезите на Агнеза Руси Поповска не беше ни ставено на дневен ред, иако предлогот за неа е испратен уште пред пет месеци.
Од кабинетот на Пендаровски за „360 степени“ изјавиле дека не била прескокната никаква законска процедура при назначувањето на Методија Белевски и Агнеза Руси Поповска за амбасадори.
„Не е прескокната никаква законска процедура. Нивната законска обврска е завршена со претставувањето на тезите пред Колегиумот на Министерството за надворешни работи. Претставувањето на тезите во Собранието не е законска обврска туку станува збор за пракса, која беше испочитувана од претседателот на државата“ – изјавиле од кабинетот на Пендаровски.
Ова не е првпат Пендаровски да го заобиколи Милошоски во процедурата за испраќање амбасадори.
Така беше и во случајот со испраќањето на Љубомир Фрчкоски за амбасадор во Обединетите нации во Њујорк. Милошоски тогаш, во најмалку два наврати, не закажа седница на Комисијата за надворешни работи за Фрчкоски да може да ги одбрани тезите.