Иницијативата за референдум е во собраниска процедура

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ја поднесе Инцијативата за распишување на референдум со граѓански потписи за поништување на Договорот за добрососедство со Бугарија за да се утврди нејзината уредност, како што бараат собранискиот деловник и Законот за референдум.

Според деловникот, претседателот на Собранието е тој кој треба ја испита ваквата уредност. Џафери, Инцијативата веднаш треба да ја испрати до Законодавно-правната комисија и до Комисијата за политички систем. Работните тела, согласно Деловникот во рок од два дена, пак, треба да дадат мислење дали предлогот е уреден, објави Сител тв.

„Ако претседателот на Собранието утврди дека иницијативата е уредна, за тоа го известува овластениот предлагач, во рок од три дена од добивањето на мислењето од работните тела.

Ако претседателот на Собранието утврди дека иницијативата е неуредна, прашањето во врска со иницијативата го става на дневен ред на првата наредна седница на Собранието. Собранието со заклучок утврдува дали иницијативата е уредна.

Претседателот на Собранието го известува овластениот предлагач за заклучокот на Собранието во рок од три дена“, пишува во Деловникот.

Ова значи дека судбината на Инцијативата треба да се знае веќе наредната недела.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека во иницијативата го користеле називот Република Македонија бидејќи и самиот закон за ратификација на Договорот со Бугарија во името го користи тоа име, но дека иницијативата сепак, ја поднеле до претседателот на Собранието на Република Северна Македонија.

Од СДСМ пак, сметат дека референдумот е ретроградна политика на ВМРО-ДПМНЕ, но не откриваат дали ќе го бојкотираат или пак, ќе повикаат на гласање против доколку Инцијативата на ВМРО-ДПМНЕ е уредна.

Доколку Иницијативата е уредна и се соберат потребните 150.000 граѓански потписи, според Законот за референдум, Собранието е должно во рок од 30 дена од поднесувањето на предлогот за референдум да донесе одлука за негово распишување.