Ковачевски: Обединети во слободата ги продолжуваме перспективите и патоказите за развој на државата

„Благодарам што сте тука вечерва, заедно да го заокружиме прославувањето на Денот на независноста на Република Северна Македонија, со цврста определба дека Обединети во слободата ги продолжуваме перспективите! Перспективите на Република Северна Македонија, кога, на историскиот референдум на 8-ми септември, 1991-та година, граѓаните, во огромно мнозинство, сплотени, независно од етничките, политичките или други различности, одлучија да живеат во самостојна и независна држава. А, нешто потоа, ги поставија и патоказите за развојот – членството во НАТО и Европската унија“.

Ова вечерва го порача премиерот Димитар Ковачевски, на централната прослава по повод Денот на независноста – 8 Септември, што се одржува на платото кај паркот „Ибни Пајко“ во Скопје.

– Гласот за суверена и самостојна македонска држава е глас за Македонија, заеднички дом на Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите и претставниците на другите народи што живеат во неа – заеднички дом израснат врз вековното искуство на национална и верска толеранција и почитување – но и за достигнување квалитет на највисоки стандарди во меѓунационалните односи, така како што извира од духот на Крушевскиот манифест“, уверуваше првиот претседател на нашата држава, Киро Глигоров, во пресрет на референдумското изјаснување, рече Ковачевски.

Случувањата потоа, потсети премиерот, ја покажуваат исправноста на одлуката да се продолжи да се чекори по стапките на илинденците и асномците, кои “обединети во борбата“ ги поставиле темелите на слободата и државноста.

– Граѓаните во тие 90-ти години покажале свесност дека обединувањето во минатото, ја донело слободата. Но знаеле и дека не смее назад од веќе постигнатото – во името на иднината. И затоа погледот го насочиле напред – кон остварувањето на новата прогресивна цел пред нив – независноста, со определбата, обединети да ја сочуваат и веќе извојуваната слобода, посочи Ковачевски.

Со мудрото политичко лидерство во тоа време, продолжи премиерот, кога се случува мирната транзиција на тогашна Социјалистичка Република Македонија, во тогашна независна Република Македонија, сочуван е по мирен пат унитарниот карактер на нашата држава, нешто што во другите земји во регионот, за жал, не беше случај. А со обединувањето на граѓаните околу новопоставената перспектива – независноста, зачекорено е храбро по новотрасираниот пат на прогресот, што и денес го одиме.

– Две суштински нешта сметав дека е потребно да нагласам, поради што се навратив на контекстот и на начинот на којшто е постигната независноста на денешна Република Северна Македонија: важноста да се има мудро, храбро и прогресивно лидерство, кое што во клучен момент може да препознае што е исправно и да води напред и важноста на заедништвото, во заложбите за постигнувањето напредок, подвлече тој.

Искуствата, додаде Ковачевски, покажуваат дека „мораше да се обединиме за независноста на Македонија во 1991-та година; мораше да се обединиме и кога одлучивме да надвладее разумот и да спречиме проширување на конфликтот во 2001-та година; мораше да се обединиме кога ја обновиме демократијата во 2017-та година; мораше да се обединиме кога донесовме тешки државнички одлуки, со коишто Република Северна Македонија, од меѓународно изолирана држава, ја развивме во почитуван и доверлив партнер, членка на НАТО, во 2020-та година – и денес, мора да сме обединети за да се реализира нашата втора стратешка цел – полноправното членство во Европската Унија, нагласи премиерот.

-Конечно е тоа можно, по 17 години од добиениот кандидатски статус. Ги отворивме преговорите со Европската унија. Одржана е првата меѓувладина конференција, во Советот на ЕУ. На патот, од независноста – до денес, наша света должност беше да го зачуваме македонскиот идентитет и да ја развиваме функционалната мултиетничност, по којашто денес сме препознаени во светот. Го зачувавме, го потврдивме и го зајакнавме македонскиот идентитет. Македонците и македонскиот јазик се впишани во личната карта на Обединетите нации. Првите документи во Брисел веќе се преведуваат на македонски јазик. Европската унија нè прифати како Македонци, кои говорат македонски јазик, истакна тој.

Ковачевски рече дека сме почитувани и признаени и како држава на богатство од различности, каде граѓаните Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци, и сите други, кои живеат во Република Северна Македонија, рече тој.