Путин: Западот пропаѓа, иднината е во Азија

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Западот пропаѓа поради залудниот и агресивен обид да ја изолира Русија со санкции кои ја уништуваат глобалната економија, додека на Азија ѝ припаѓа иднината.

САД и сојузниците воведоа сериозни санкции кон Русија поради инвазијата на Украина и Путин претходно кажа дека тие се налик на објавување војна.

Зборувајќи на Источниот економски форум во Владивосток, рускиот претседател рече дека западните санкции ја заменија пандемијата на ковид-19 како главна закана за светската економија.

„Западните санкции се дрзок и агресивен обид да им се наметне модел на однесување на други земји, да им се одземе суверенитетот и да се потчинат. Во обид да се спротивстават на текот на историјата, западните земји ги поткопуваат клучните столбови на светскиот економски систем граден со векови. Нивната верба во долари, евра и фунти пропаѓа“ – изјави Путин.

Според него, обидот на западот да ја изолира Русија ја доведе светската економија во ваква ситуација.

„Неповратни и тектонски промени се случија во меѓународните односи. Моќта на западот е во пад, додека клучниот раст се случува во Азија. Улогата на динамични, ветувачки земји и региони, првенствено во азиско-пацифичкиот регион, значително порасна“ – рече Путин.