Во Грција за една недела 40.100 нови инфекции со корона – 180 луѓе починаа
Во соседна Грција 40.100 нови случаи на инфекција со коронавирус во последните седум дена, објави денеска Јавната здравствена служба (ЕОДИ) во својот неделен извештај.
Бројот на починати за една недела од таа инфекција е 180, додека 101 пациент бил интубиран.
Бројот на нови заразени (40.100 или 3.844 на милион жители) е за 22 отсто помал во однос на претходната недела, а повторните инфекции сочинуваат 23 отсто од вкупниот број.
Вкупниот број на заразени од почетокот на пандемијата е 4.804.982, од кои 51,9 отсто се жени.
Последната недела во болниците се примени 981 пациент со Ковид, што е за 17 отсто помалку во однос на претходните седум дена, додека вкупниот број на отпуштени пациенти изнесува 1.028 (21 отсто помалку).
Во последните седум дена се регистрирани 180 смртни случаи од Ковид-19, што е за 19 отсто помалку од претходната недела. Од нив, 38 (21 процент) починале по најмалку 29 дена од датумот на лабораториска потврда за инфекција со корона вирусот.
Од почетокот на епидемијата во Грција, регистрирани се вкупно 32.757 смртни случаи од Ковид, од кои 96 отсто од пациентите имале друга основна болест или биле постари од 70 години.
Од 1 јануари 2020 година до 4 септември годинава, во грчките лаборатории се тестирани вкупно 12.389.527 клинички примероци за корона вирусот, додека 79.892.488 примероци се тестирани со брзи тестови во различни здравствени единици.