„Неконзистентност и гледање лични, партиски интереси за задржување на функцијата“.
Ова е одговорот на премиерот Димитар Ковачевски на прашање во врска со референдумското прашање кое опозицијата најверојатно ќе го достави до Собранието.
„Прво, ние сме држава која почна преговори со ЕУ со чист македонски јазик, со заштитен идентитет и тоа е направено врз основа на предлог којшто го добивме од ЕУ, предлог којшто беше изгласан во Собранието и против кој предлог немаше ниту еден глас против. Тоа што опозицијата во моментов го прави, го прави единствено заради свои внатрешни партиски потреби – задржување на позицијата на, веројатно, нивниот претседател. Референдумското прашање тие веројатно ќе го достават до Собранието“ – рече Ковачевски по седницата на Советот за безбедност.
Какво било спречување на продолжување на процесот на евроинтеграции на државата е правење штета на граѓаните и на македонскиот евроинтегративен пат, смета тој.
„Колку брзо ќе се движиме ние во приклучувањето кон ЕУ сега зависи исклучиво од нас, бидејќи имаме задачи и активности коишто треба ние да ги спроведеме дома кај нас. Тоа се однесува како на спроведувањето на успешен скрининг за што веќе информиравме вчера за воспоставување на преговарачка структура, денес дојде и главниот советник кај мене којшто ќе работи со тимот. Тоа е бившиот хрватски главен преговарач со ЕУ и постојан претставник во ЕУ на Хрватска и се што се прави заради лични, партиски цели е нешто што е против членството на државата во ЕУ“ дециден е премиерот.