Синдикатот на пилотите на германската авиокомпанија „Луфтханза“ објави дека од среда ќе започне дводневен штрајк, доколку компанијата не даде „сериозна“ понуда за зголемување на платите, јавува „Асошиетед прес“.
Тоа ќе биде втор штрајк за една недела, бидејќи пилотите ја напуштија работата во петокот, предизвикувајќи откажување на стотици летови.
Пилотите бараат и нова структура за плати и одмор.
Од авиокомпанијата тврдат дека овие мерки ќе ги зголемат трошоците за персоналот за околу 40 отсто, односно за околу 900 милиони евра за две години.
Наместо тоа, „Луфтханза“ нуди еднократно зголемување од 900 евра, што претставува зголемување од 5 отсто за постарите пилоти и 18 отсто за оние кои ја започнуваат професијата.