Серена Вилијамс го одигра последниот меч во кариерата

Американската тенисерка Серена Вилијамс (41) го заврши настапот на Отвореното првенство на САД – УС Опен откако изгуби од Ајла Томљановиќ во третото коло.

Според нејзините изјави, тоа беше нејзиниот последен меч во богатата 27-годишна кариера во која освои 23 гренд слем титули, една помалку од рекордерката Маргарет Корт.

Сепак, според многумина, помалата сестра Вилијамс е најдобрата тенисерка на сите времиња.

24.000 гледачи на стадионот „Артур Еш“ станаа од своите столчиња и ѝ оддадоа почит на Вилијамс, која дојде на турнирот со само една победа во изминатите 15 месеци, поради што падна на 605. место на ВТА-листата. Запрашана дали има шанса да ја пролонгира пензијата одговори:

„Мислам дека не, но никогаш не се знае. Им благодарам на сите кои се тука, на сите кои ме поддржуваа сите овие години и децении. Но, сè почнува со моите родители. Тие заслужуваат сè. Исто така, не би била тука без мојата сестра Венус. Таа е единствената причина што Серена Вилијамс постоела“.

Вилијамс освои вкупно 73 титули во кариерата, од кои седум на Отвореното првенство на Австралија, три на Ролан Гарос, седум на Вимблдон и шест на УС- опен.

На врвот на ВТА-листата помина 319 недели.