Наместо омаж на поетот, на кревката душа, Владимир Шопов, на човекот кој гледаше далеку зад сите брда и планини и кој живееше пред своето време.
Владимир Шопов, мојот другар Шоп, дојде во Белград некаде на крајот на летото 1971 година. Беше назначен за член на претседателството и претседател на Комисијата за идеологија и култура на Сојузот на младината на Југославија – СОЈ. Висока функција во претседателството. Една од трите највисоки во младинскaтa политичка хиерархија. Претседателот, потпретседателот и потоа претседателот на комисијата за идеологија и култура.
Во првите месеци новодојдените младински функционери, а и не само тие, туку и многу други новодојдени службеници во сојузната администрација, во периодот додека да им се обезбеди постојано сместување за време на нивното службување во Белград, беа сместувани во штотуку отворениот луксузен хотел „Србија“ во Шумице. Таму беше сместен и Шоп.
Таа вечер, кога отидов да се видиме уште во текот на првата недела од неговиот престој се сретнавме во кафе-барот, односно во клубот на хотелот „Србија“. Барот инаку беше еден прекрасен луксузен простор со масивни кожни фотељи, сместен на последниот кат од хотелот, од кој што се простираше прекрасна глетка на Белград и потаму на Сава и Нов Белград.
Го затекнав во жив, динамичен разговор со Агим Затричи и Азем Власи, младински функционери од Косово. И двајцата како и Шоп беа новодојденци во Белград. Агим беше нешто подолго во хотелот и уживаше во привилегиите и благодатите што ги имаше како член на претседателството на СОЈ. Азем беше штотуку дојден, ново-назначен претседател на комисијата за труд и младината на село, или така некако се викаше неговата комисија, и се чинеше дека се уште не се снаоѓа добро во новата средина.
Нивниот разговор поткрепен со скапи пијалаци беше од време навреме духовито шеговит натпревар на млади амбициозни луѓе кој повеќе знае и кој е повеќе во право, а многу почесто и суптилен иронично-циничен судир на различни видувања на тогашните прилики во општествено-политичките случувања во тогашна Југославија.
Државата живееше во едно политички многу турбулентно време. Време на маспокретот во Хрватска, на појавата на либерализмот во Србија и Македонија, на барања за поголеми автономии на покриените. Време на распукување на кохезивните шафови на Југославија и сериозно разнишување на нејзината монолитност.
Шоп доминираше со своите духовито иронични досетки, со своите афоризми, со својот благ цинизам и со неговата критика на расчекорот меѓу партиските прокламации и реалноста на живеењето, на контрадикторностите во системот. Односно Шоп беше таа вечер како и многупати пред тоа и потоа, посебно остар критичар на злоупотребите и привилегиите на функционерите кои во времето на студентските демонстрации 1968 година, почнаа да ги нарекуваат црвена буржоазија. Особено беше ироничен кон Агим кој ги користеше привилегиите на неговиот татко и кој се однесуваше разгалено и распојасано како цел свет да е негов. Шоп безмилосно се подбиваше со него затоа што Агим се фалеше дека доаѓа и си оди од Белград со воен хеликоптер.
Скокаа од тема на тема, но целиот разговор сериозно ескалираше во речиси отворен судир, оној момент кога се допреа до студентските демонстрации 1968, до албанските демонстрации за автономија на Косово, кои се случија истата таа 1968 година, и особено тогаш кога се допреа до најавените уставни реформи 1971 година. Со тие реформи на Косово му се предвидуваше поголема самостојност и автономија. Темата Социјалистичка автономна покраина Косово, на Азем и на Агим очигледно им беше при срце. Во нивната страсна аргументација како да се криеше и нешто повеќе од тоа што тие го заговараа и бранеа тој момент. Шоп со секој свој коментар нивниот екстремизам и нивната страст ја доведуваше до апсурд.
Додека Шоп зрачеше со својата отвореност и со широките хоризонти, со критичните опсервации кон општествените случувања, со својот ангажман за една вистински демократска, класно, социјално и национално рамноправна социјалистичка Југославија, додека инсистираше на култура и уметност во Југославија кои ќе служат обединувачки во сочувувањето на заедничкиот културно политички простор во етнички хетерогената федерација, неговите соговорници немаа слух за тоа што тој го говореше и беа заинтересирани единствено за тоа што се случува на Косово, како тоа да стане независна и самостојна покраина. Тие страсно инсистираа на тоа дека врските меѓу републиките и федерацијата треба да бидат што полабави и дека според тоа, Косово, како Самостојна автономна покраина, треба и мора да има што полабави врски со Србија, односно со Федерацијата и нејзината администрација.
Така во тој зовриен разговор, во еден момент Агим Затричи, запалено, како и секој идеолошки заслепен верник, со некој чуден застрашувачки жар во очите, ќе одбруси: „Ти Владимир можеш да причаш што хочеш, али Косово че бити Републик, кад тад… то да знаш…“ Азем не рече ништо, но озареноста на неговото лице јасно говореше дека се согласува со Агим и како тој ја гледа иднината на Косово.
Шоп, не ни трепна на таа закана, но веднаш сфати со кого си има работа. Му беше јасно веднаш дека од запалената младешка глава блика национален романтизам и фанатизам и заложби за сепаратизам. Дека бликаат сништа кои водеа кон нешто друго. Но не рече ништо за тоа. Само се поднасмевна и го сврти разговорот во друга насока. Наметна друга тема, фудбал. Тоа беше една од честите теми кои беа практикувани во jугословенските политички кругови кога се чинеше дека понатамошната дискусија може да појде во несакан правец и да заврши во ќорсокак. Другата тема беа убавите жени и машката успешност со нив.
Инаку што се однесуваше до заканувачкиот исказ на Агим, не само што тој исказ се чинеше неверојатен во тоа време, туку во тој период никој не би можел сериозно да поверува во такво нешто. На такви изјави се гледаше како на сон, утопија која нема услови да се оствари. Меѓутоа од друга страна, се чини дека таа закана со силен националистички жар и набој се врежа длабоко во свеста на Шоп. Тој насети дека тука нешто сериозно не е в ред.
Вечерта заврши со многу дим во воздухот од испушените кутии цигари и некако со некој непријатен вкус во устата.
Неколку недели подоцна, Шоп онаков каков што беше, суптилен и одлучен, непомирлив и критичен кон девијациите на администрацијата и тромоста на бирократијата, не сакаше да чека СОЈ да му го реши станбеното прашање и се пресели во станот во кој живеев. Следните шест седум месеци, можеби скоро цела година, делевме стан на Цара Уроша, во еден од најубавите делови на Белград, со директен поглед на Калемегдан.
Тие месеци, тоа време во Белград, се чини беше период во кој Шоп неизмерно уживаше во животот и во сé она што тој го правеше. Не дека тој не уживаше во животот и пред тоа, но сега постојано патуваше насекаде низ Југославија, низ Европа, а често патувавме заедно со еднo старo фиќо до Скопје, пеејќи и измислувајќи најразлични варијанти на „Т‘га за jуг“. Од сите тие патувања Шоп се враќаше со по некоја нова инспиративна песна која секогаш предизвикуваше восхит кај неговите читатели. Така беше и после неговото враќање од Сенегал, од неговиот престој кај татко му Ацо, кој во тоа време беше југословенски амбасадор таму. Шоп дојде од таму со еден од најблескавите бисери во неговата поезија, со песната за црната „Фату“, со песната полна копнеж и страст и која е сигурно една од највозбудливата љубовни песна во македонската поезија.
Во реткото слободно време во Белград Шоп често пати и црташе, а покрај професионалниот имаше богат социјален живот и уште побогат љубовен живот. Онаков висок, убав и умен, духовит и отворен, шармер подготвен да го прегрне светот на своите гради, беше посакуван од многу убавици. Мојот другар Шоп беше почитуван и сакан насекаде.
Некаде на крајот на 1972, СОЈ му обезбеди сместување во нивниот стан на улицата Гоце Делчев број 10 или 12, на Нов Белград. Чудно некако, само обична коинциденција беше тоа или што, но тој огромен трособен стан со голем дневен престој Шоп го делеше со Азем Власи и Агим Затриќи. Агим додуша повеќе го немаше таму, отколку што го имаше. Агим беше повеќе дома на Косово, отколку на работа во Белград, а не негово место доаѓаа чести гости од Косово.
Што сé се случуваше во тој голем стан во голема мерка ќе остане изгубено во сеќавањата или во молкот на нејзините станари и посетители на станот. Колку честите посети на гостите на Азем и Агим од Косово, колку нивните бучни седенки кои ја воспеваа големината на Косово и Албанија, залеани со алкохол и чад од цигари, и кои често траеја до долго во ноќта, или пак од друга страна, колку посетите на многу убави девојки, од кои некои завршуваа во креветот на Шоп, влијаеа на меѓусебните односи на станарите на станот, на Агим, Азем и Шоп, можеби никогаш нема да се дознае. Но едно е сигурно јасно: тие односи дома, се пренесуваа во нивните односи во претседателството на СОЈ.
Популарноста на Шоп, неговиот углед и почитта што ја имаше во СОЈ, неговиот беспрекорен интелект не му беа многу по волја на Азем. Тој во моменти на слабост и не го криеше тоа. Успехот на Шоп на сите полиња, на професионалното, на креативното, на интелектуалното, а особено на љубовното, како да му беа трн во око на Азем.
Во таква атмосфера на сложени со-станарски и „другарски“ односи, на почетокот на есента 1973, Шоп требаше кака претставник на СОЈ да замине на меѓународна младинска конференција во Дака, во Бангладеш.
И многу му се радуваше на тоа патување. Уште еден нов свет се отвореше пред неговата љубопитна природа. По тој повод на неколку дена пред да отпатува, тој мораше да прими коктел вакцини, анти-тетанус и уше некоја друга комбинација на вакцини, кои требаше да го заштитат од разни заразни болести во Бангладеш. Тоа не беше нешто невообичаено во тоа време, дури беше и вообичаена пракса. Луѓето се вакцинираа затоа што знаеја дека вакцините ќе ги заштитат од несакани болести.
Тој ден, откога утрината ја прими вакцината, Шоп замина веднаш на состанок на претседателството на СОЈ. Состанокот обично се одржуваше околу пладне. На состанокот освен тековните прашања требало да се донесе и одлука кој ќе го заменува додека е тој на службен пат. Меѓутоа на тој состанок под влијание на коктелот вакцини Шоп се чувствува доста лошо, некако зашеметено, и како што ќе каже подоцна, со сериозна вртоглавица. Но професионалната одговорност не му дозволува да си оди дома и да легне да се одмори.
И не лежи враже. Она што се случило на тој состанок радикално ќе ја одреди натамошната судбина на со-станарите, Владимир Шопов и Азем Власи.
На тој состанок предложено е Азем Власи да го заменува Шоп на функцијата претседател на Комисијата за идеологија и култура додека е тој на службен пат.
Дали е тоа намерно подметнување, некоја диверзија, од некој кој ги знаел односите во станот и идеолошките разлики и несогласувања меѓу Шоп и Азем, некој кој сакал да предизвика судир, или нешто друго е во прашање, можеби нема никогаш да се дознае. Но факт е дека Азем е предложен да го заменува Шоп.
На таквиот предлог Шоп реагира одречно и категорично. Поучен од искуството со Азем и Агим и нивните чести полемики, а веројатно присетувајќи се и на заканата: „Ти Владимир можеш да причаш што хочеш, али Косово че бити Републик, кад тад“, Шоп јасно и гласно се спротивставува на предлогот, образложувајќи го своето несогласување прецизно и кратко: „Азем не може да ме замени. Азем не е идеолошки подготвен за тоа. Тој е националист.“
Таквата изјава предизвикува шок и општа констернација. Настапува жолчна, но кратка дискусија. Но Шоп не отстапува од својот став. Состанокот е прекинат. Шоп е прекорен и ултимативно е побарано од него да се извини и да го промени својот став, во рок од 24 часа. Кому ли му се брзало толку многу?
Следниот ден на новиот состанок свикан само со една точка, „ексцесот“ на Владимир Шопов, тој е повторно предупреден дека неговата изјава е неприфатлива, дека мора да ја повлече и дека мора да се извини. Меѓутоа Владимир Шопов, човекот кој држеше до своите ставови и до она што го говореше, човекот кој знаеше што зборува и кој знаеше дека е во право, само ќе рече: „Јас вчера бев под влијание на коктелот вакцини и ми беше многу матно во главата и искрено речено воопшто не се сеќавам што сум рекол. Меѓутоа што и да сум рекол, јас стојам зад тоа што сум го рекол.“
Се останато по тој несреќен состанок е позната историја.
Владимир Шопов, мојот другар Шоп, е под итно сменет од функцијата претседател на Комисијата за идеологија и култура на Сојузот на младината на Југославија и исклучен е од претседателство на СОЈ за наводен национализам. Тој кој што беше космополит, отворен кон светот, тој кој постојано се бореше за правата на другите, на обесправените, тој кој ги поттикнуваше вредностите кои ги вклучуваат другите, тој кој што пееше за убавата Фату, беше обвинет за национализам и преку ноќ вратен во Скопје. Тој кој всушност со тој свој исказ навреме предупреди на опасноста од албанскиот национализам, во име на „мир в куќи“, стана жртва токму на тој албански национализам.
Една година подоцна, во текот на 1974 година Шоп е исклучен и до СКЈ.
Македонската културна и општествено политичка јавност сервилно го премолчи овој срамен чин, како што ќе премолчи и многу други работи кои се случуваа пред тоа, а и кои ќе се случат подоцна. Во својот напис „Духови на големо-бугарштината на саемот на книги во Белград“, од декември 1971 година, на еден начин Шоп јасно ја опиша таа постојана индиферентност, молчеливост и сервилност, која две години по излегувањето тој напис, го прекри со тишина и неговото сменување и исклучување од претседателството на СОЈ и од СКЈ . Тој во тој напис суптилно ќе напише: „Може слободно да се стави под сомневање и политичката будност и ревност на авторитети на македонскиот јавен живот што исто така го посетија саемот (и кои не реагираа на смислената бугарска провокација да изложат антимакедонски книги…м.з.). Помислата дека се работело за посети направени апансас и проформа изгледа неверојатна.“
Години подоцна ќе се покаже дека македонската политичка сервилност и индиферентност кон сериозните проблеми кои ја загрозуваат и разградуваат Македонија, ќе произведе дузина залудно принесени жртви на олтарот на лажниот соживот. Таа сервилност и слепило кон објективите опасности од сите национализми, а не само од албанскиот, ќе го доведат во прашање и самото постоење на Македонија.
Азем Власи истата таа 1974 година, ќе биде избран за претседател на СОЈ која истата таа година ќе се преименува во Сојуз на социјалистичката Младината на Југославија (Савез социјалистичке омладине Југославије – ССОЈ), и профитирајќи од политичкото убиство на Владимир Шопов ќе изгради контроверзна, но лукративна политичка кариера.
Наум Пановски