„Комплексно е прашањето зошто не може да профункционира образовниот систем, но на врвот на сето ова се наоѓа неодговорност, неорганизираност, хаотично работење, работење по принципот од денес за утре. Притоа, тука се вмешани многу други фактори како што се тендери, способност и неспособност на одредени луѓе, способност на фирмите миленички да го сработат тоа што треба да го сработат. А, за жал, се зборува дека и корупцијата длабоко навлегува, дури и во овој систем“.
Ова на тв Сител го изјави Весна Јаневска – претседателка на Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ
Таа додаде дека ова прашање треба да биде упатено и одговори за тоа треба да се бараат од оние што владеат и што треба да го раководат системот во кој што се образуваат идните генерации.
Како други показатели за неспособноста, неодговорноста на власта, посебно во образовниот сектор, Јаневска ги посочи и показателите со доделувањето на свидетелствата за постигнатиот успех на учениците на крај на август или на први септември, наместо во јуни кака што било до пред две-три години, како и немањето на учебници за одредени одделенија и најавата за нивно печатење дури за некаде на почеток на второто полугодие.
Јаневска вели дека да сакаше власта да обезбеди учебници за учениците имаа доволно време тоа да го направат, бидејќи и така наречената нова концепција веќе не е нешто ново, туку дека таа е влезена во образовниот процес веќе две години, доволно време за да се подготват учебниците за второ и петто одделение.
„Друг силен показател на сето ова што погоре го кажав е и доделувањето на свидетелствата на учениците наместо во јуни месец, на крајот на август, непосредно пред почетокот на новата учебна година или пак на самиот прв училишен ден. За да биде уште пострашно, и учебниците се показател за ваквото неработење , па ќе си дозволам да кажам, ако можат да си дозволат да го кршат законот кој вели дека учениците треба да имаат комплет книги на први септември. Ако тие можат да си го дозволат тоа, јас ќе си дозволам да кажам дека се комплетно неспособни. Концепцијата не е од вчера. Еве го слушам министерот комисијата национална била формирана во февруари. Ама тоа е новиот состав на комисијата, комисијата имаше стар состав претходно. Да сакале, да чувствувале одговорност, тие знаеја дека две години можеа да се спремат, знаеја дека ќе им дојде први септември 2022 каде што треба да има учебници за второ и петто одделение и требаше тоа со време да си го сработат“ – рече Јаневска.