Гроси во Запорожје: Ги видов главните работи што требаше да ги видам!

Ги видов главните работи што требаше да ги видам, изјави генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси по пристигнувањето денеска во нуклеарната централа Запорожје во југоисточна Украина.

Успеавме за овие неколку часа да собереме многу информации. Ги видов главните работи што требаше да ги видам, изјави Гроси пред руските новинари кои го придружуваа тимот на МААЕ во нуклеарната централа Запорожје, која од март е под руска контрола.

Најголемата европска нуклеарна централа беше редовно гранатирана во последните недели. Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за овие напади.

МААЕ останува овде. Нека знае светот дека МААЕ останува овде, рече Гроси. Тој не прецизираше од колку луѓе се состои тимот на агенцијата, ниту колку долго ќе остане во електраната Запорожје.

Ова беше прва изјава на генералниот директор на МААЕ откако пред неколку часа пристигна во нуклеарната централа.