Маричиќ: Со регионална соработка градиме европска перспектива за македонското стопанство

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, присуствуваше на отворањето на првиот Меѓународен саем „Винска Визија на Отворен Балкан“ во Белград.

„Балканот е отворен за соработка, развој, напредок и градење нови пријателства кои сигурно обезбедуваат просперитет за граѓаните и водат кон Европската Унија“ напиша Маричиќ на Фејсбук.

Автентичноста на нашите производи произведени од македонските земјоделци, претставени на овој саем, ја отсликуваат нашата традиција и култура, смета Маричиќ.

Според него, македонските производи поради препознатливоста и единственоста, ги прави конкурентни и барани не само на регионалните, туку и на светските пазари.

Маричиќ додава дека Владата ќе продолжи дополнително да дава поддршка за стопанството преку отворање на нови можности за интегрирање на македонскиот во европскиот пазар.

Извозот, откупот, новите пласмани на пазарите во регионот и Европа на македонските храна и вина се поддржани преку програмата ИПАРД која директно придонесува за подобрување на пазарната ефикасност и за приближување до стандардите на ЕУ во земјоделско-прехранбениот сектор, како и за развој на економијата во руралните средини, истовремено придонесувајќи за зајакнување на домашната економија.

На Саемот во Белград од Северна Македонија учествуваат 42 винарии и 3 дестилерии кои ќе се претстават со повеќе од 300 различни типови македонски вина и ракии, како и повеќе од 10 производители на храна од Северна Македонија кои ќе ја претстават автентичната македонска кујна.