Бислимоски побара да се поништат последните сметки за парно
Единствена причина за зголемувањето на сметките за топлинска енергија што ги добија граѓаните за август е тоа што во нив не е вкалкулирана субвенцијата која што ја дава Владата за потрошувачите на топлинска енергија во Градот Скопје и од тие причини се значително зголемени, порача денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски и додаде дека сметките се зголемени за 40-тина проценти.
Тој на прес-конференција посочи дека РКЕ бара БЕГ да ги сторнира сите сметки коишто се испратени до потрошувачите и да се изготват нови сметки во коишто ќе биде вкалкулирана субвенцијата која што ја добиваат граѓаните од страна на Владата. За оние граѓани кои веќе ги платиле сметките рече дека ќе им биде вратена разликата во сумата во наредните сметки без разлика дали дејноста ќе ја врши БЕГ или некоја друга компанија.
„Средства во Буџетот на државата се обезбедени. Исто така, има одредена одлука која што е донесена веќе еднаш. Доколку е таа со изминат рок ќе се донесе нова одлука со која што уште еднаш ќе се потврди дека потрошувачите на топлинска енергија во Градот Скопје ќе ги добијат субвенциите“ – рече Бислимоски.
Нагласи дека е невообичаено сметките да се испраќаат на 30 и 31 август , бидејќи месецот не бил се уште завршен. Потенцира дека БЕГ треба да ги сторнира и да бидат изготвени нови сметки во коишто ќе биде вкалкулирана и субвенцијата која што ја дава Владата за потрошувачите на топлинска енергија во Градот Скопје.
„Сметам дека немало потреба да се испраќаат сметки на 30 и 31 август. Не мие јасно зашто од БЕГ не не информирале за тоа и треба да ја исправат грешката што ја направиле со сторинирање на фактурите и граѓаните да добијат сметки за топлинска енергија како што беше договорено“ – посочи Бислимоски.