Османи оди во посета на македонците во Албанија по тврдењата дека Бугарија прави обиди да ги асимилира

Тврдењата дека македонците во Албанија се принудувани да се попишат како Бугари, лично ќе ги испитува Османи. Вели дека веќе комуницирал со нив и во текот на утрешниот ден ќе ги посети општините каде живее македонското малцинство. Од она што ќе го слушне ќе зависи дали ќе биде побарана помош од официјална Тирана.

„Се договоривме утре, Јас да ги посетам и Пустец и новиот граничен премин Џепиште – Требиште во кој исто така живее македонско национално малцинство во Албанија во договор со нашите таму, така што ќе ги посетам и општините и училиштето и ќе имам комуникација со граѓаните и нивните здруженија во текот на целиот ден за да ги слушнам нивните забелешки и да видиме што можеме ние да помогнеме во комуникација со Република Албанија“, изјави Бујар Османи, Министер за надворешни работи.

Османи, кој денеска на половина од својот мандат даваше отчет за сработеното, како најголем успех на дипломатијата, го смета договорот со Бугарија. Вели, со прифаќањето на „францускиот предлог“, државата е спасена од вртлог.

„Знам дека јавноста е се уште поделена. Тоа што сум убеден е дека направивме добра и стратешка одлука за која што времето ќе покаже дека тоа било така и успеавме во последен миг да ја извлечеме државата од балкнаскиот вртлог и да ја лансираме во еден неповратен пат на европеизација, стабилизација, се разбира и на зголемување на стандардот за граѓаните“, вели Османи.

Османи му реплицираше и на бугарскиот европратеник Џамбаски кој на фејсбук напиша дека, „Со народот  зад Деве Баир, ние сме еден народ поделен со вештачка граница“.

Двете години мандат, Османи ги заокружува со непотполнети амбасадорски места во Брисел, Париз, Софија, Осло, но, вели проблемот сега е во опозицијата. Ако продолжи блокирањето со незакажување собраниска комисија за надворешни, ќе се бара алтернатива за избор на амбасадорите, за што, како што изјави Османи, веќе разговарал и со Претседателот Пендаровски..

„Комунициравме со Претседателот, Пендаровски, се разбира размислуваме и за алтернативни начини. Овој процес на консултации во Собранието, законски не е задолжителен, тоа е повеќе добра воља за да се покаже инклузивност, вклучување на Парламентот, на опозицијата, но, не е законски обврска во чекорите за еден амбасадор замине во државата каде што служи. Ние инстистираме, еве, затоа што не сакаме да една добра пракса да ја рушиме. Утре ќе ни биде важна и на нас таа пракса. Но, на сметка на сите овие прашања кои се загрозени мислам дека и Претседателот Пендаровски ќе преземе одреден чекор“, изјави Бујар Османи, Министер за надворешни работи.

Тврдењата на Османи дека неизборот на амбасадори е партиски диктиран, првиот човек на собраниската Комисија, Милошки, одби да ги коментира.