Кризна состојба во енергетиката – од 1. септември мерки за штедење

Денеска се очекува да биде прогласена кризна состојба во делот на енергетиката која ќе важи од 1. септември, а според најавите на надлежните, нема да има рестрикции на струја во зимскиот период доколку се се одвива според планираното.

Од 1 септември стапуваат во сила и мерките за штедење на струја што ги донесе Владата, а кои ќе важат до 31. март следната година.

Министерот за економија Крешник Бектеши неодамна на прес-конференција рече дека не очекува да има рестрикции ако се оди според планот на Електростопанство на Северна Македонија. Како што соопшти се разговара и со министерствата за енергетика на Србија и Бугарија за да нема запирање на прекуграничните капацитети и проблеми со снабдувањето.

„Ако се оди според планот на ЕСМ, не очекуваме да има рестрикции. И, да не се случи некоја хаварија. Разговараме и со раководствата на министерствата во Србија и Бугарија за да нема запирање на прекуграничните капацитети како во 2009 година, за да нема проблем во делот на снабдувањето на потрошувачите на слободниот пазар, а тоа се поголемите компании кои прават трговија преку интерконекторите со соседите“ – рече Бектеши на заедничката прес-конференција со директорот на ЕСМ.

Во следните денови се очекува Владата да ги објави и јавните повици за избор на вршители за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија откако на БЕГ и беа одземени лиценците за работа.

Исклучување на декоративното осветлување на фасадите на јавните објекти и културните споменици, гаснење сијалици кога има доволно дневна светлина, во сезона на ладење, климите да се местат не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени, да се исклучуваат компјутерите по работата, редовно да се менуваат филтрите на грејните тела и клима уредите, да се принтаат само потребните материјали, да се заменат прозорците со енергетски ефикасни, се дел од препораките за државните институции.

Според министерот за економија, сите треба да придонесеме за заштеда на електричната енергија, а пример треба да бидат државните институции.