Шарл Мишел: Санкции за Русија и во наредните 6 месеци
Претседателот на Европскиот совет – Шарл Мишел изјави дека лидерите на земјите членки на ЕУ се договорија да ги продолжат економските санкции против Русија за уште 6 месеци.
„Лидерите на Европскиот совет едногласно се согласија да ги продолжат економските санкции против Русија. Ја повикуваме Русија да се придржува до својот дел од договорот и да продолжи со спроведувањето на договорите од Минск“ – рече Мишел.
Лидерите на ЕУ вчера се договориле и да воведат и дополнителни санкции за Русија доколку руската армија ја нападне Украина.
„Секоја натамошна воена агресија врз Украина ќе има огромни последици и сериозни трошоци како одговор, вклучително и рестриктивни мерки координирани со партнерите“ – стои во соопштението објавено по вчерашниот самит во Брисел.