Четворица активни генерали, голем број офицери и подофицери како и илјадници регрути во 1992 година ја започнаа реализацијата на најголемата патриотска должност за обезбедување мир и стабилност на граѓаните на Република Македонија, кои само неколку месеци претходно на референдум се изјаснија за самостојна и независна држава со одвојување од долгогодипшното заедничко уредување со Југославија и тогашната ЈНА.
Клучната улога во обезбедувањето на територијата на државата, по заминувањето на војската на Југославија, ја имала добро организираната Територијална одбрана која прва ги превзема испразнетите касарни, а веднаш потоа и целосно, во рок од 10 дена ги обезбедува границите, односно ги превзема караулите.
Со договорот потпишан на 21 февруари 1992 година, помеѓу гeнералот на ЈНА, Благоја Аџиќ, и претседателот, Киро Глигоров, беше определен и крајниот рок 15 април 1992 година за повлекување на ЈНА од државата. На 11 март 1992 година, единиците на Територијалната одбрана на Крива Паланка ја презедоа првата караула „Рамна Нива”.
Истиот ден, на свечен начин беа преземени и соседните караули „Деве Баир” и „Коприва” на македонско-бугарската граница во близина на Крива Паланка. Набргу потоа беа преземени сите караули на македонската граница, односно на 21 март е предадена и последната македонска караула „Јован Вукотиќ” во близина на преминот Меџитлија.
Претседателот Глигоров и генералот на ЈНА, Никола Узелац, на 27 март 1992 година, во Собранието на Република Македонија го потпишаа завршниот акт од Договорот за повлекувањето на единиците на ЈНА од Македонија.
Со тоа целосно било спроведено одбранбеното одвојување од ЈНА и од СФРЈ и осамостојување. Со превземањето на последната караула била воспоставена целокупната организација, чување и обезбедување на границата и територијалниот интегритет и суверенитет со војници и старешини од единиците на територијалната одбрана кои таа должност ја вршеа во првите неколку месеци сè до пристигнувањето на првиот редовен регрутен контингент на АРМ.
Согласно тогашниот „Закон за одбрана”, чл. 3, од 14 февруари 1992 година, воената обврска на граѓаните е општа и на воената обврска подлежат сите граѓани на Република Македонија од машки пол на возраст од 17 до 55 години живот.
За само 17 дена, со огромен ентузијазам и ангажирање на старешините и на граѓанските лица, касарните во Скопје „Маршал Тито”, во Битола „Стив Наумов”, во Штип „4 јули” и во Охрид „Михајло Апостолски” биле подготвени да ги примат првите македонски регрути. Првиот регрут на Армијата, Панче Јамандиев од Велес, роден 1970 година, пристигнал во гарнизонот во Охрид на 14 април 1992 година.
Регрутите главно, биле младинци родени во 1973 година, кои во септември истата година требало да заминат во составот на тогашна ЈНА, а со одлука на Владата биле повикани да служат во редовите на АРМ.
Според податоците на АРМ, програмата за обука на македонските регрути опфаќала две и пол месечна обука, а потоа најголем дел од нив биле упатени да ги пополнат граничните единици, додека помал дел од нив се подготвувале за пополнување на единиците на воената полиција и за вршење на останатите служби и должности.
По извршените обуките, на 9 мај 1992 година во Скопје во тогашната касарна „Маршал Тито” сега „Илинден“, во Битола „Стив Наумов” на 10 мај, во Штип „4 јули” на 16 мај и во Охрид на 17 мај, првите македонски регрути дадоа свечена обврска и отпочнаа со своите активности.
Денеска Армијата одбележува 30 години од формирањето од како со одлука, Владата од 3 јуни 1993 година, денот на формирањето на баталјонот „Мирче Ацев” 18 август 1943 година на Славеј Планина, го прогласи за Ден на АРМ. Истата година Собранието на Република Македонија ја верификува идејата за полноправно членство во НАТО, а на 15 ноември 1995 година станавме членка на иницијативата „Партнерство за мир” по што во март следната година бевме примени во Северноатлантскиот совет за соработка. На 7 јуни 1995 година на Воената академија започна образованието на кадри за одбраната на државата.