Цените на нафтата паднаа денеска на меѓународните пазари под нивото од 92 долари
На американскиот пазар барелот денеска се тргуваше по речиси непроменета цена од 86,44 долари. Вчера ја затвори трговијата во минус 2,88 долари.
Пазарите вчера беа потресени од страв од рецесија, откако податоците од САД покажаа пад на активноста за изградба на станбени недвижности во јули на најниско ниво во речиси една и пол година под влијание на повисоките цени на хипотекарните заеми и градежните материјали.
Трговците се загрижени и за слабеењето на економската активност во Кина поради строгите мерки за борба против ширењето на Ковид 19. Премиерот Ли Кечијанг најави поддршка за ослабената економија.
„Ризикот за надолна линија се зголемува поради (слабата) економска перспектива и континуираната неизвесност поттикната од кинеските ограничувања поврзани со ковид“, рече Крег Ерлам од ОАНДА.
Стравувањата од рецесија денеска се дополнително поттикнати со податоците од Британија, кои покажаа дека инфлацијата во јули скокнала на 10,1 отсто, што е највисоко ниво од февруари 1982 година, зголемувајќи го притисокот врз домаќинствата.
„Пазарот на нафта се обидува да ги отстрани стравувањата од рецесија, но нема многу индикации дека ситуацијата може да се промени наскоро“, изјави Стивен Бренок од PVM.
Надолниот тренд на цените денеска беше запрен со извештајот на Американскиот институт за нафта (API), кој, според извори, покажа пад на залихите на сурова нафта во САД минатата недела за 448 илјади барели. Залихите на бензин се намалени, според нив, за околу 4,5 милиони барели.
Официјалните неделни податоци од американската влада ќе бидат објавени подоцна.
Поради празниците во муслиманскиот свет, Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) вчера не ја објави цената на барел нафтена кошничка на нејзините членки. Во понеделникот беше 100,04 долари.