Огромна експлозија одекна во џамија во авганистанскиот главен град Кабул, соопшти полицијата. Се претпоставува дека експлозијата се случила за време на вечерната молитва, при што загинале најмалку три лица, а десетици се повредени, јави Би-би-си. Извештаите велат дека имамот на џамијата Сидики е меѓу загинатите.
Локалните медиуми го цитираа Калид Задран, портпарол на талибанската полиција во Кабул, кој вели дека експлозијата се случила во северозападниот дел на градот.
Итната болница во Кабул објави на Твитер дека примила 27 лица повредени во експлозијата, меѓу кои и пет деца, вклучително и едно седумгодишно дете. Претставник на талибанското разузнавање изјави дека можеби се ранети или убиени дури 35 луѓе, а бројот може да биде и поголем.
Сведоците на настанот опишаа дека слушнале силна експлозија која ги скршила прозорците на околните згради.
Не е јасно кој стои зад нападот, кој се случи седум дена откако истакнат проталибански имам беше убиен во самоубиствен бомбашки напад, исто така во Кабул. Одговорноста за претходниот напад ја презеде таканаречената група Исламска држава.