Симовски: За вработувањата по етнички клуч е валидно само резидентното население

Единствена валидна категорија е резидентно население и тоа е согласно сите стандарди на ОН кои важат за сите земји во светот и ги прифати и Евростат, вели директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски на прашање за тоа кои податоци треба да се користат од Министерството за информатичко општество и администрација при усогласување на податоците за алатката „Балансер“.

„Ние како земја, категоријата нерезидентно население одлучивме да ја попишуваме затоа што имаме проблем со емиграцијата и тие податоци да се искористат за да се креираат политики да се намали емиграцијата и евентуално да се вратат луѓе, ама не може тие да бидат дел од никаква друга категорија население“, изјави Симовски.

Тој рече дека од МИОА биле контактирани минатата недела и дека тие им дале одговор.

„МИОА не контактираа телефонски минатата недела и ние им кажавме дека единствена категорија што треба да ја гледаат е резидентно население“, појасни Симовски.

Оние седум отсто граѓани кои беа попишани користејќи различни бази на податоци и за кои нема податоци за национална припадност, треба да останат во групата останати.

Министерството за информатичко општество и администрација вчера соопшти дека во администрацијата треба да се вработат 31,5 отсто Албанци според правична застапеност, затоа што го сметаат пописот на целокупното население, а не само на тие што живеат во Македонија.

Резултатите од ланскиот Попис, кои беа објавени во март, покажуваат дека вкупното резидентно население во земјава изнесува 1 836 713 лица, од кои 58,44 отсто се Македонци, 24,3 Албанци, 3,86 Турци, 2,53 Роми, 0,47 Власи, 1,3 Срби и 0,87 Бошњаци.