Шумски пожар зафатил воз во Шпанија, во близината на Кастелон на североистокот на земјата. Информациите се дека 20-тина патници се здобиле со изгореници, од кои тројца потешко, откако скокнале од возот зафатен во пожар, пишува „Гардијан“.
Машиновозачот го запрел возот кога видел дека поради пожарот е премногу опасено за да продолжи. Откако застанал, се подготвувал да го врати возот наназад.
Но голем број патници, стравувајќи дека возот ќе се запали, ги скршиле стаклата и избегале. Двајца патници со најтешки изгореници се евакуирани со хеликоптер.
Останатите, меѓу кои и 10-годишно девојче, се префрлени во блиските болници. Според службите за итна помош, меѓу патниците кои се здобиле со најтешки изгореници по бегството од возот е и 58-годишна жена.
Валенсија е последниот шпански регион кој се бори со сериозни шумски пожари за време на продолжениот топлотен бран во Шпанија. Пожарите доведоа до уништување на десетици илјади хектари шума.