Вучиќ и Курти денеска на средби со Столтенберг

Претседателот на Србија – Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти денеска, на одделни средби во Брисел ќе разговараат со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, ден пред новата рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ.

Столтенберг прво ќе се сретне со Вучиќ, а потоа и со Курти, а по одвоените разговори најавени се прес-конференции за Столтенберг и Вучиќ во 15 часот и 30 минути, а Столтенберг и Курти во 17 часот.

Вучиќ минатата недела изјави дека ќе разговара со Столтенберг поради улогата што НАТО и КФОР ја имаат во Косово, потсетува Бета.

– Тоа ќе бидат понатамошни разговори за воспоставување добра соработка, добра комуникација, што е многу важно во моменти на криза. Се надевам дека ќе имаме добар разговор. Веќе имавме телефонски разговор и се договоривме да седнеме и да разговараме за сите проблеми во Косово, особено на север, рече Вучиќ.

За утре е најавена нова рунда од дијалогот Косово-Србија, а ЕУ соопшти дека ќе се разговара за сите отворени прашања, повторувајќи дека за Брисел „најважно е двете страни да ги прекинат непријателствата, со запаливи пораки и тензии и да постапуваат одговорно“.