Во Велика Британија е одобрена првата бивалентна вакцина против коронавирус

Првата бивалентна засилувачка вакцина на Модерна против коронавирусот е одобрена за употреба во Велика Британија, соопшти денеска Британската Регулаторна агенција за лекови и здравствени производи (MHRA).

Таа прилагодена вакцина, „таргетира“ две различни варијанти на коронавирусот – оригиналниот вирус од 2020 година и варијантата омикрон.

Бивалентната вакцина на Модерна е одобрена за бустер дози за возрасни, откако беше откриено дека ги исполнува стандардите на британскиот регулатор за безбедност, квалитет и ефикасност, се нагласува во соопштението објавено на веб-страницата на британската влада.

Одлуката за одобрување на „бустер“ вакцината во Велика Британија ја поддржа владиното независно стручно научно советодавно тело – Комисијата за хумани лекови, по внимателна ревизија на доказите.

„Во секоја доза на Spikevax двовалентна Оригинална/Омикрон-засилувачка вакцина, половина од вакцината (25 микрограми) го таргетира оригиналниот вирус од 2020 година, а другата половина (25 микрограми) го таргетира омикронот“, се вели во соопштението на МХРА.