Мицкоски за свиркањето на македонскиот јазик на плоштадот „Скендербег“: Срамота е што власта не реагира!

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски смета дека е голем скандал што публиката на плоштадот „Скендербег“ ја исвирка водителката на манифестацијата посветена на 21-годишнина од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, кога таа зборуваше на македонски јазик.

„Се работи за настан платен со владини, односно државни пари. На тој настан се исвиркува македонскиот јазик, истиот тој кој Владата евтино го распродава и во преговорите со Бугарија. За вакво ли развеселување мислеше министерката за култура, кога го правдаше трошењето народни пари за вакви партиски прослави. Срамот е голем што од Владата отсуствува секаква реакција. Со национализам политика не се тера. Ова само ја покажува поделеноста на општеството и постоењето на два паралелни света. Таквите бариери се градени од политичките елити на власта за полесно да може да ги остваруваат личните интереси поврзани со бизнис мотиви, додека граѓаните Македонци и Албанци тонат во вештачката омраза која е подгревана од политичарите на кои тоа им одговара“, изјави Мицкоски за „Дојче веле“.