Екс премиерот на Австралија сам се назначувал како министер

Политички скандал е предизвикан во Австралија откако се појавија информации дека поранешниот австралиски премиер Скот Морисон се назначил на неколку министерски позиции како резултат на пандемијата на Ковид-19.

Актуелниот премиер Ентони Албанесе го обвини екс премиерот Скот Морисон за лоши политички потези откако се дозна дека тој се назначил себеси на позиции како министер за здравство, финансии и ресурси, без да ги информира колегите, парламентот или, пак, гласачите.

Велејќи дека потезите на Морисон се „без преседан“, Албанесе додаде дека побарал правна помош и очекува дополнителни информации во текот на денот.

„Тоа се политички потези на кои би се смееле доколку се случуваат во недемократска држава“ – рече Албанесе.

Скандалот фрли светлина врз нетранспарентноста на одлучувањето во австралиската влада и го постави прашањето дали се потребни построги мерки за зачувување на демократијата.