Како Европа се соочува со глобалната криза со храна
Постојано следење, ублажување на регулативите и продолжување на увозот на житарици – ова се дел од мерките со кои ЕУ се обидува да го спречи недостигот на храна во екот на глобалната криза со највисоките цени на храната во историјата, пишува ЕНР (European Newsroom), проект на 16 европски новински агенции.
Иако ЕУ се обидува да се спротивстави на ова, многу земји во Европа се борат со значителни зголемувања на цените. Одговорот на ЕУ на глобалната криза со храна е да ги следи нивоата на складирање на култури во земјите-членки, да ги релаксира еколошките регулативи за да го поттикне производството на храна и да најде алтернативни патишта за извоз на украинските житарици. Поради невидената суша, сепак, расте стравот дека приносите во Европа ќе бидат намалени.
Ова дополнително ќе ги зголеми цените на храната, кои веќе значително се зголемија, делумно поради војната во Украина. Иако по договорот меѓу Русија и Украина, извозот на житарици од украинските пристаништа на Црното Море е рестартиран, сепак владее загриженост. Според податоците на ЕУ, има многу мали шанси во блиска иднина да се достигне нивото од пред војната од пет милиони тони житарици што се извезуваше секој месец од украинските пристаништа. Првиот брод што го напушти пристаништето во Одеса во согласност со договорот превезол само 26 илјади тони пченка. Изнаоѓањето алтернативни патишта за извоз е сè уште клучно, рече претставникот на Европската комисија.
Соочена со можен недостиг на храна, Европската Комисија сега ги ублажува еколошките прописи, кои претходно беа наметнати на земјоделските производи, за да се овозможи поголемо производство на храна. Реформата на земјоделската политика на ЕУ, која треба да стапи во сила во 2023 година, резултираше со построги еколошки стандарди во земјоделството. Ова вклучува обврска за земјоделците да ја заштитат почвата со тоа што нема одгледуваат исти култури неколку години по ред. Сепак, се зголемуваат барањата за олабавување на тие еколошки стандарди за да се овозможи производство на повеќе житарици бидејќи помалку може да се испорача од пристаништата во Украина разурнати од војна.
Секој тон житарици произведен во ЕУ ќе помогне да се зголеми глобалната безбедност на снабдување со храна, соопшти Комисијата.
Германија и Австрија ги користат поблагите мерки. Австрија се согласи со предлогот на Европската комисија за продолжување на употребата на угар ( Нива изорана и оставена несеана за да прележи така една година) за земјоделско производство до крајот на 2023 година. Во исто време, германскиот министер за земјоделство, Џем Оздемир, предложи да им се дозволи на земјоделците да користат поголем дел од нивната земја за одгледување житарици, со оглед на недостигот на светскиот пазар. Берлин ќе ги суспендира новите регулативи на ЕУ за ротација на посеви на една година.
Додека пратениците и земјоделските здруженија го поздравија предлогот, еколошката активистичка група Гринпис остро го критикуваше министерот поради потклекнување пред притисокот од земјоделското лоби. Франција: катастрофа за земјоделците, екосистемите и биолошката разновидност. Соочена со „историска” суша, влошена од третиот екстремен топлотен бран, француската влада на 5 август активираше работна група за помош при кризни ситуации.