До Министерството за правда не е доставено барање за добивање позитивно мислење во постапката за регистрација на здружението „Цар Борис Трети“, пишува во денешното соопштение на Министерството за правда.
Тоа следува по негативната реакција на Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, кои соопштија дека се згрозени и навредени од регистрацијата на здружението „Цар Борис Трети” од Охрид и од „леснотијата со која во нашата држава се глорифицираат нацизмот и фашизмот“.
Токму во врска со тие реакции вчера на социјалните мрежи се огласија и од самото здружение, од каде ги отфрлија тврдењата дека станува збор за „неонацистичко здружение“.
„Се оградуваме дека сме неонацистичко здружение, немаме никаква соработка или било какви намери со антисемитистички движења. Со голема почит кон еврејскиот народ и жал за работите кои се случувале во минатото, заедно да чекориме во иднината на нашата татковина Македонија кон европските вредности со почит и разбирање. Нашето здружение е формирано за зачувување и негување на бугарската култура со почит кон ликот и делото на Цар Борис III обединител. Македонија е исто и наша држава во која го почитуваме уставот и законите. Проблемите нека ги решаваат политичарите од двете страни, историчарите – историјата. Ние сме едни обични граѓани кои не сакаме и замолуваме да не сме злоупотребувани за партиски цели и поени“, пишува во Фејсбук статусот на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид.