Во соседна Бугарија од политичарите најголема доверба народот има во претседателот Румен Радев (48 отсто), по што следуваат Бојко Борисов со 23 и Кирил Петков со 22 отсто поддршка покажуваат податоците од националната анкета, финансирана и спроведена заедно од БТВ и „Маркет Линкс“, спроведена меѓу 1.020 полнолетни граѓани од 30 јули до 5 август.
Анкетата покажува дека доколку сега се одржат избори во Бугарија, ГЕРБ-СДС се првата политичка сила во земјата, со 22,4% поддршка меѓу граѓаните.
„Продолжуваме со промената“ се на втора позиција со поддршка од 19,1%, а по нив следи ДПС со 11,5%, БСП има поддршка од 10,9 отсто, „Преродба“ е на петто место – со 8,4 отсто, а „Демократска Бугарија“ е со 8,3 отсто поддршка.
Според овие податоци, шест партии би влегле во следниот состав на бугарското Народно собрание.
Не е мал процентот на оние кои се уште не одлучиле за кого ќе гласаат. Ако сега има избори, 49% велат дека сигурно ќе гласаат, 14% се двоумат, додека 13 проценти сигурно нема да го остварат своето право на глас.