Јовановиќ: Без прогресивен данок, реформите ќе ги платат сиромашните

Ако не се воведе прогресивен данок, останатите даночни реформи кои Владата ги планира ќе значат даночење на сиромашните, во интервју за Локално.мк вели познатиот економски аналитичар Бранимир Јовановиќ кој беше советник во Министерството за финансии, а сега работи во Виенскиот институт. Тој смета дека реформите се задоцнети и нејасни.

– Така што, ако не се воведе прогресивен данок, и на личен доход, и на добивка, а се воведат придонеси на хонорарците, тоа ќе значи дека со оваа реформа всушност ќе се даночат сиромашните, а не богатите, и тоа ќе има катастрофални економски и социјални последици – вели Јовановиќ.

Аналитичарот смета дека со правилно прогресивно даночење би можеле за 5 години да си ги вратиме парите од една еврообврзница која Македонија ја чини околу 500 милиони, односно да се соберат 100 милиони евра годишно.

– Да воведувам јас прогресивен данок сега, кај личниот доход би ставил барем три стапки – 10 отсто до 1500 евра месечно, 20 отсто помеѓу 1500 и 3000 евра, и 30 отсто над 3000 евра. Кај добивката, би вовел дополнителна стапка од 20 отсто за добивката над 1 милион евра. И задолжително би ја укинал максималната основица за плаќање на придонесите, која ги фаворизира оние со плати од илјадници евра. Со една ваква реформа, според некои мои груби пресметки, би можеле да се соберат околу 100 милиони евра годишно. Тоа е отприлика двојно повеќе од она што го кажа министерот за неговиот предлог. Во рок од 5 години, тоа менува издавање една евробврзница – потцртува Јовановиќ.

Тој ја нагласува конфузијата во носењето на реформата велејќи дека не постои јасна порака:

– Кога го воведувавме прогресивниот данок во 2018, пораката беше – земаме од богатите, за да им дадеме на сиромашните, затоа што Македонија има највисока сиромаштија и највисоки класни разлики во Европа. Сега нема никаква порака – дециден е аналитичарот.