Се чека лабораториска потврда за првиот сомнителен случај на мајмунски сипаници во Македонија. Од Министерството за здравство велат дека пациентот е во добра здравствена состојба, а се формира тим кој треба да спроведе епидемиолошка анкета. Пациентот со симптоми на мајмунски сипаници, не бил примен на скопската Инфективната клиника, и се уште се наоѓа во Кичево.
До овој момент не е доставен материјал за тестирање во Институтот за јавно здравје и во државата нема потврден случај на мајмунски сипаници. Информираме дека на Клиниката за инфективни болести нема хоспитализиран пациент суспектен за мајмунски сипаници соопштија од МЗ.
Епидемиолог од битолскиот Центар за јавно здравје, треба да го посети кичевчанецот за да земе материјал за лабораториски испитувањa, за да се види дали се работи за мајмунски сипаници.
Формиран е епидемиолошки тим, кој ги собира првичните информации за случајот, по што сите информации ќе бидат испратени до Министерството за здравство вели Д-р. Елизабета Крстева спец. Микробиолог, директорка на Институт јавно здравје Битола.
Од Центарот за јавно здравје за Алфа потврдија дека лабораториските испитувања ќе бидат извршени во Институтот за јавно здравје зашто само таму има услови за тоа.
Инаку, како што синоќа прва објави Алфа, на Клиниката за инфективни болести биле направени сите подготовки за прием на првиот пациент сомнителен на мајмунски сипаници. На вториот кат бил спремен посебен оддел за изолација, а била донесена и соодветна опрема. Но до овој момент, тој не е пристигнат на Клиниката, а нема ниту информација од кичевската болница зошто не е задржан таму или не е префрлен во Скопје.
Директорката на Инфективната клиника само кратко ни изјави дека во последните 24 часа не бил прегледен ниту примен пациент сомнителен за мајмунски сипаници.