Косовскиот премиер, Албин Курти изјави денеска дека примената на одлуките за замена на српските со косовски регистерски таблички и за реципроцитет кон Србија во однос на личните документи при влез на граѓаните од едната во другата држава, ќе започне на 1 септeмври годинава.
На отворањето на денешната седница на Владата, Курти рече дека примената на одлуките, кои веа донесени минатиот јуни, е во функција на редот и законот, јавната безбедност и слободното движење на граѓаните на територијата на цела Република Косово.
Косовскиот премиер им се обрати на граѓаните од српска националнот, порачувајќи им дека одлуката за издавање времени документи при влез во Косово не ја ограничува слободата на движење и не подразбира одземање на личните документи издадени од српските власти.
– Времето на опремување со овие документите од косовските институции е 20 секунди, додека веќе 11 години нашите граѓани при секој влез во Србија за истата работа треба да чекаат од 10 до 60 минути. Сум слушнал за лажната вест дека српските документи ќе се конфискуваат на граница, што не е вистина. Документот за влез-излез е дополнителен документ, кој се издава бесплатно и со кој може да се добијат и други услуги во нашите државни институции за време на престојот во Косово, рече Курти.
Спроведувањето на двете одлуки требаше да започне на 1 август, меѓутоа, на барање и на меѓународната заедница, пред сé на амбасадорот на САД, Џеф Ховениер, по протестите и блокадите на косовските Срби, е одложено за еден месец.
Во врска со споменатите протести и блокади, Курти денеска повтори дека тие „не доаѓаат оддолу туку одозгора“, односно дека се нарачани и организирани од властите во Белград, чија намера е да го дестабилизираат Косово.