Растат тензиите пред очекуваната посета на Пелоси на Тајван

Во очекување на посетата на Пелоси на Тајван, Кина испрати воени авиони до средната линија, неформалната линија на поделба во Тајванскиот Теснец меѓу кинеското копно и островот. Нејзините сили, исто така, одржуваат воени вежби, а источната команда на кинеската војска објави видео на интернет во кое вели дека е целосно подготвена за секаков развој на ситуацијата.

Тајван се подготвува за потенцијална демонстрација на сила од Кина бидејќи претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, се очекува да пристигне на островот денеска попладне.

Нејзината посета, која не е поддржана од Белата куќа, би била прва од толку висок американски функционер во последните децении. Пелоси е трет највисок функционер во американската влада и долгогодишен критичар на Пекинг.

Кина постојано во изминатиот период предупредуваше во врска со посетата и денеска рече дека САД ќе ја платат цената. Портпаролката на Министерството за надворешни работи Хуа Чунјинг рече дека Кина била во комуникација со САД за чувствителноста на посетата.

„Американската страна ќе ја сноси одговорноста и ќе ја плати цената за поткопување на суверените безбедносни интереси на Кина“,
рече таа.

Кина во меѓувреме испрати воени авиони до средната линија, неформалната линија на поделба во Тајванскиот Теснец меѓу кинеското копно и островот Тајван.

Нејзините сили, исто така, одржуваат воени вежби, а источната команда на кинеската војска објави видео на интернет во кое вели дека е целосно подготвена за секаков развој на ситуацијата.

Тајванското Министерство за одбрана соопшти дека ги следи воените активности во близина на островот и дека е решено да се брани од какви било кинески закани.

САД имаат формални дипломатски односи со Кина, но не и со Тајван. Сепак, го одржуваат она што го нарекуваат „робустен, неофицијален однос“ со островот.

Претходно во текот на неделата портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби им рече на новинарите дека Кина може да одговори со воени провокации – вклучително истрелување проектили во близина на Тајван, започнување големи воздушни или поморски активности или поднесување „лажни правни тврдења“ за да се оправда поморската блокада на Тајванскиот Теснец.

Пелоси ја започна својата турнеја низ Азија во неделата без да го спомене Тајван во маршрутата. Таа досега ги посети Сингапур и Малезија, а исто така има закажани посети на Јужна Кореја и Јапонија.

Сепак, во тајванските и американските медиуми нашироко се пишува дека планира да слета во Тајпеј вечерва и да одржи состаноци со тајванските лидери в среда.

Тајванскиот премиер Су Ценг-Чанг рече дека островот „топло ги пречекува“ сите странски гости и „ќе ги направи најсоодветните аранжмани“ за посетителите.

Посетата создаде дипломатска главоболка и за Белата куќа. Претседателот Џо Бајден минатата недела рече дека американската војска верува оти посетата на Пелоси на Тајван „не е добра идеја во моментов“.

Во понеделникот Кирби рече дека Пелоси има право да го посети Тајван и дека таа самата носи одлуки, при што додаде дека Белата куќа ја почитува независноста на американскиот Конгрес.

Пелоси, високопозиционирана во Демократската партија, долго време беше гласен критичар на кинеското раководство, осудувајќи ја земјата за непочитување на човековите права. Таа претходно се сретна со продемократски дисиденти во земјата и го посети плоштадот Тјенанмен за да им оддаде комеморација на жртвите од масакрот во 1989 година.

Таа првично планираше да го посети Тајван во април, но го одложи патувањето откако беше позитивна на ковид-19. Претходно овој месец таа рече дека е важно САД да покажат поддршка за Тајван.

Кирби истакна дека републиканскиот поранешен претседател на Претставничкиот дом, Њут Гингрич, го посетил Тајван во 1997 година и дека други американски пратеници го посетиле Тајван претходно оваа година.

„Ништо не е променето. Нема драма. Не е преседан претседателот на Домот да отпатува за Тајван“,
рече тој и додаде дека Пелоси е придружувана од американски воени авиони за време на нејзината азиска турнеја.