„На следната седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, ќе предложам да иницираме собирање 150 000 потписи за референдум за граѓаните да се изјаснат дали се за или не се за овие измени кои Владата ги потпиша после овој дипломатски нокаут. Тој би бил задолжителен. Тоа што Османи потпишал, не значи ништо. Преговарачката рамка не е усвоена. Ако народот на референдум каже нема уставни измани, тогаш ќе бараме друга преговарачка рамка. Тогаш и Европа ќе знае дека народот рекол дека нема уставни измени и ќе мора членот 5 и членот 12 да бидат тргнати и да разговараме за други услови“.
Ова го најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва во гостување на тв Сител.
„Народот е суверен, тие се тие што ќе кажат. Ништо не е завршено за Македонија и македонскиот идентитет, преговарачката рамка не е усвоена, ако народот така одлучи ќе речеме во Брисел дајте ни друга преговарачка рамка“ – рече Мицкоски.
Што се однесува до односите со ДУИ, тој истакна:
„Оваа генерација на ДУИ прави трајна штета во односите меѓу Македонците и Албанците. Наместо да застанат зад сограѓаните Македонци, тие одбраа асимилација на Бугарија врз Македонците“ – рече Мицкоски.
Тој додаде дека ова ќе остане во колективната меморија на Македонците и притоа истакна дека не се знае кога на Албанците ќе им затреба поддршка од Македонците.
„Убеден сум дека албанските опозициски партии и останатите немнозински заедници ќе имаат Бадентерово мнозинство и ќе бидат дел од идната влада што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ“ – порача тој.
Мицкоски додаде дека трајната штета на ДУИ ќе остане во колективната меморија на македонскиот народ. Околу 75% Македонци се против францускиот предлог.
„Целта Бујар Османи си ја постигна, а тоа е една, ние нема да почнеме преговори, Албанија ќе почне преговори. Прво беше целта да имаме обединување на Македонија и Албанија, се сеќавате уште во 2000-та година кога го потпишувавме договорот за стабилизација и асоцијација ни Хрватска не го беше потпишала, па заедно станавме со Хрватска како да кажам кандидати. Па испаднавме од таа група и влеговме во групата со Црна Гора и Србија. Па испаднавме од таа група и влеговме со Албанија и сега конечно испаѓаме и со Албанија. Албанија ќе си продолжи, а ние најверојатно ќе чекаме некои подобри времиња, можеби Косово, Босна и Херцеговина или пак некоја друга држава која што се уште ги нема заокружено своите независности односно државности“ – појасни Мицкоски.