Европските лидери едногласни: Ова беше историска можност, ја искористивте!

Урсула фон дер Лајен – Шарл Мишел – Оливер Вархеји на Твитер го поздравија исходот од гласањето во македонското Собрание во врска со францускиот предлог.

Урсула фон дер Лајен – шефицата на ЕК ја пофали ваквата одлука.

„Честитки до Северна Македонија за гласањето со кое се овозможуваат условите за брзо отворање на пристапните преговори. Ова беше историска можност и вие ја искористивте“, напиша Фон дер Лајен.

Пофалба дојде и од претседателот на Европскиот совет – Шарл Мишел.

„Денешното гласање во Собранието на Северна Македонија го поплочува патот за одржување на првата Меѓувладина конференција идната недела. Ова е суштински чекор на земјата и за ЕУ. Нашата иднина е заедничка и ве чекаме со отворени раце“ – напиша тој.

Оливер Вархеји – еврокомесарот за проширување за во вторник најави одржување на Меѓувладина конференција.

„Го поздравувам гласањето по неколкудневна дискусија во парламентот со што на владата и се дава чист мандат за почеток на првата Меѓувладина конференција базирана на францускиот предлог. Се радуваме на отворањето на пристапните преговори во вторник кога ќе се сретнеме во Брисел за првата Меѓувладина конференција“ – напиша Вархеји.