Полицијата заплени 238 килограми марихуана во Кочани – приведен е бугарски државјанин

Македонската полицијата заплени 238 килограми марихуана, вредна над 400.000 евра во Кочани, а приведен е 39-годишен бугарски државјанин со иницијали С.В.К.

Акцијата се случила вчера, а денеска СВР Штип до Јавното обвинителство во Кочани поднесе кривична пријава против правен субјект и бугарскиот државјанин кој се јавува како управител на фирмата. Правниот субјект ќе се товари за производство на канабис, а бугарскиот државјанин за „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.

Како што соопштија од МВР марихуаната била набавена преку фирмата и потоа била сместена во објект на компанијата. Но вчера дел од пратката преку контејнер завршила на депонија во Кочани.

„Вчера дел од истата е префрлена во контејнер за отпад, односно во специјално товарно моторно возило за собирање смет, сопственост на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ од Кочани, за да потоа биде оставена на депонијата во Кочани, од каде непознати лица ја земале за понатамошно неовластено пуштање во промет, со цел стекнување на противправна имотна корист“ – велат од МВР.

Дрогата е однесена на вештачење и утврдено е дека станува збор за 237 килограми и 970 грама.

Вредноста на марихуаната МВР ја проценува на над 400.000 евра.