Предлог-преговарачката рамка и денеска пред пратениците – дебатата продолжува

Вчера во македонското Собрание започна дебатата по Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за старт на пристапните преговори на земјава со Европската Унија, со обраќање на премиерот Димитар Ковачевски.

Тој порача дека овој европски предлог за деблокирање на нашиот евроинтеграциски процес и за старт на преговорите на земјава со ЕУ на вистински начин ги отсликува нашите дефинирани позиции. Претходно, во обраќање пред пратениците, пак, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен истакна дека со прифаќање на предлогот земјава ќе направи уште еден чекор кон ЕУ и дека сега е моментот да продолжиме напред „кон нашата заедничка иднина во ЕУ со Северна Македонија како полноправна членка“.

Ковачевски пред пратениците порача дека со понудениот предлог, македонскиот јазик јасно се прецизира како единствен, признат и прифатен јазик за Европската Унија.

„Тоа е тоа што го баравме. Нашата национална ДНК, македонскиот јазик, да биде службен и единствено официјален јазик. На македонски јазик ќе се зборува официјално и во Брисел и во сите европски престолнини. Тоа е најголемото достигнување, најважниот успех“ – истакна премиерот.

Нагласи дека смета оти овој единствен европски предлог е најдоброто можно решение во моментов, но и во следниот период, кој ги задржува црвените линии и во исто време дава конечно почеток на преговори.

„Добиваме конечно, по 17 години чекање, и многу најави, и многу разочарувања по нив, официјален почеток на преговорите со средба на целата Влада со Европската Комисија. Со сите нишани и стандарди. Е тоа е, почитувани пратеници, единствената вистина во оваа олуја на манипулации, шпекулации, лажни вести и намерни и ненамерни штети и креирање криза и дестабилизација на државата. На ваков предлог, кој целосно ги отсликува нашите државни интереси и црвени линии, јас, Владата и претседателот на државата, кажав и кажавме ДА“ – потенцира Ковачевски.

Претседателката на Еврокомисијата, Фон дер Лајен во обраќањето пред пратениците порача дека денеска е тука затоа што Европа не чека и се надева дека ќе направиме уште еден чекор кон Европската Унија како полноправна членка.

„Вашата држава е кандидат да стане земја членка на ЕУ од 2005 година, а многумина од вас овде и многу други кои се отсутни, работевте напорно да станете членка на ЕУ, но сега сите мора да го свртиме погледот напред и мора да ја искористиме можноста пред нас да ги започнеме пристапните преговори и да работиме заедно на патот што ве води кон ЕУ“ – истакна Фон дер Лајен.

Таа нагласи дека нема сомнеж оти македонскиот јазик е наш јазик и ЕУ целосно го почитува тоа.

„Затоа во ревидираниот предлог стои македонски јазик без квалификација од ЕУ. Принципот на самоидентификација е особено важен за секој од нас. Може да сметате на мене како претседател на ЕК дека ќе осигурам процесот за пристапување строго да ги почитува европските принципи и стандарди“ рече шефицата на ЕК.

Во расправата во Собранието по обраќањето на премиерот, за време на кое пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со вувулзели, труби и свирки правеа врева за да не може да се чуе што говори и држеа транспаренти „предавници на народот“, „јазикот и идентитетот“, „народот вели не, свестете се“, опозициските пратеници порачаа дека нема да дозволат „да се отвори Уставот и да се промени“ и обвинија дека со понудениот предлог се задира во јазикот, идентитетот и историјата и се прави „бугаризација“.

Пратениците од власта пак возвратија дека „паднале во вода сите лаги и манипулации“ на ВМРО-ДПМНЕ и партијата треба да им се извини на граѓаните за ширењето „лаги и небулози“.

Во врска со собраниската седница по предлог-преговарачката рамка се огласи и еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Оливер Вархеји, кој изјави дека очите и ушите на ЕУ се вперени кон земјава.

Пред собраниската седница, претседателот Стево Пендаровски на средба со Фон дер Лајен порача дека прифаќањето на францускиот предлог ќе овозможи деблокада на евроинтеграциите и отворање на првата фаза од пристапните преговори, што ќе претставува позитивен импулс за реформскиот процес и напредок на земјата.

Собраниската седница продолжува денеска со расправа по Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за старт на пристапните преговори на земјава со Европската Унија, а пред Собранието повторно се најавени протести против францускиот предлог.