За првите четири дена од неделава за 45% е зголемен бројот на активни случаи на Ковид-19 во земјава иако нема пријавени починати лица.
Се очекува денеска Комисијата за заразни болести да одржи состанок на којшто ќе дискутира за состојбата со коронавирусот во државата.
Согласно последната статистика од Институтот за јавно здравје, во претходното деноноќие се направени 1 365 тестови, а регистрирани се 494 случаи на КОВИД-19, од кои 105 се реинфекции. Оздравени се 276 пациенти, а нема пријавени починати лица.
Од вкупно 2.309 активни случаи, најголем број се од Скопје – 1.231 или 50 отсто од бројот на активните случаи се во главниот град.
Во Крушево, Македонска Каменица и Пехчево нема активни случаи на вирусот.
Остануваат да важат мерките за задолжително носење заштитна маска во јавниот превоз, здравствените установи, аптеките, установите за згрижување на возрасни лица и лица со попреченост.
Во тек е и вакцинацијата за четврта доза против КОВИД-19. Вакцината може да ја примат сите граѓани над 18 години, на сите вакцинални пунктови без закажување. Четвртата доза се спроведува со мРНА вакцината „Фајзер“ или „Модерна“. Растојанието од третата доза до четвртата се препорачува да биде најмалку четири месеци.