Протестен марш во Куманово: Македонија е за Европа, но без уцени и ултиматуми

Во Куманово синоќа се одржа протестен марш против „францускиот предлог“ од кој беше порачано дека не смее да се преговара за македонски јазик и македонски идентитет.
Маршот го организираше здружението „За наше Куманово“, а започна од центарот на градот од улицата „Ленинова“ и преку централните градски улици, заврши пред споменикот на градскиот плоштад.

Учесниците на протестот со транспарентни во раце и со знамиња кажаа дека „сакаат влез во ЕУ, но не по цена на идентитетот и јазикот“.

На присутните покрај останатите им се обрати и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој рече дека од историјата треба да се учи и да се извлечат поуки за градење светла иднина. Осврнувајќи се на договорот, тој изјави дека е едностран и нема никакви обврски за втората страна.

Му се обрати и на премиерот Димитар Ковачевски и на пратениците кои потекнуваат од Куманово, да не заборават од каков град доаѓаат.

„Куманово е за Европа, Македонија е за Европа, но Европа отворена за сите, без уцени, ултиматуми. Во Европа ќе влеземе како Македонци кои говорат македонски јазик“ рече кумановскиот градоначалник.