Фон дер Лајен: Нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик, предлогот го прифаќа и вашиот национален идентитет!

Урсула фон дер Лајен – претседателката на Европската комисија денеска во македонското Собрание ги убедуваше пратениците дека местото на земјава е во Европската Унија, а дека со францускиот предлог не се задира во идентитетските прашања, додека македонскиот јазик е без фусноти. Додека оние од владејачките партии и аплаудираа, оние од опозицијата, предводени од ВМРО-ДПМНЕ викаа „уаа“ и држеа листови со натпис „НЕ“ за францускиот предлог.

Високата гостинка рече:

„Пратеници, многумина од вас ќе бидат разбирливо фрустрирани што вашата држава се уште не ги започнала пристапните преговори. И да ви кажам и јас сум. Комисијата препорачува отворање на преговорите во последните 13 години. И се разбира дека ќе бидете фрустирани што отворањето на преговорите со ЕУ не се случи веднаш по договорот од Преспа. Ова беше горчливо. Но никогаш не се откажавте, а и ние заедно никогаш не се откажавме. Заедно го следевме нашиот сон за една ЕУ. Заедно ќе го претвориме овој сон во реалност. Сите мора да го свртиме погледот напред, мора да ја искористиме можноста која се наоѓа пред нас и да ги започнеме пристапните преговори, да работиме на патот кој ве води во ЕУ. Тоа може да го направиме веќе следната недела, следната седмица со преземање на првиот чекор од ревидираниот француски предлог“ рече меѓудругото шефицата на ЕК.

Таа посочи дека „Комисијата секогаш била покрај оваа држава, на ваша страна, продолжува да го прави тоа, да стои на ваша страна, да стои таму, како утре така и задутре. Убедени сме дека ова е од историско значење. Но, одлуката е ваша и само ваша. На крајот на краиштата станува збор за патот кој вие го избравте, како што го избравте и претходно со Охридскиот рамоквен договор, градењето на демократијата. Доколку го одобрите ревидираниот француски предлог. Доколку го прифатите францускиот предлог, ќе го преземеме првиот чекор во преговарачкиот процес. Нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик. Предлогот го прифаќа и вашиот национален идентитет“.

Фон дер Лајен уверува дека ако се прифати францускиот предлог, веднаш ќе се отпочне со скрининг процесот.

„Сакав да бидам овде за да ви се обратам директно, за од мене да слушнете како Европа ве чека. Чекајќи и надевајќи се дека ќе направите уште еден чекор кон нашата Унија. Вашата држава е кандидат да стане членка на ЕУ од 2005 година. Многу од вас овде и многу други кои се отсутни, работевте напорно за да станете членка на ЕУ. Четири години подоцна, во 2009 година, ЕК препорача да ги отвориме пристапните преговори со вас. Од тогаш, постојано сме покрај вас. И сега, конечно би можеле да бидеме на прагот на еден одлучувачки чекор напред. Овде сум денеска, бидејќи верувам дека ова е моментот да продолжите напред кон нашата заедничка иднина. Кон нашата заедничка иднина, во ЕУ, со Северна Македонија како полнопоравна членка. Повторно покажавте смелост, покажавте и решителност. Договорат од Преспа беше пример за храброст, две земји кои се согласија да одат напред. Ова ви го отвори патот кон членството на НАТО. По повеќе од две години, С. Македонија покажа дека е партнер од доверба која обезбедува безбедност за алијансата. Јас знам дека истото ќе се случи кога вие ќе станете членка на ЕУ“ – рече таа.

Повика уште еднаш добро да се размисли пред да се донесе одлука.

„Со отворањето на оваа врата сега, С. Македонија се зајакнува што ќе биде дел од преговарачкиот процес, е имате придобивки. Јас имам деца, некои имаат внуци и сите заедно сакаме едно нешто и споделуваме еден сон: Еден ден да погледнеме наназад и да кажеме дека сите наши деца и внуци се дел од исто европско семејство. Ова е иднината за која одлучувате овде, тука, денес, утре и деновите кои се пред вас. Пратеници, живееме во тешки времиња. Бидејќи пандемијата со Ковид-19 се протега во третата година, нејзините ефекти катастрофално влијаат, руската војна предизвика глобална криза во Украина, растат цените на енергенсите. Се бориме со влошената климатска криза. Ова се предизвици со кои мора да се соочиме. Мора да ги совладаме. Вашата држава дорасна на задачата, стоите цврсто со Унијата, вие сте партнер на доверба“ – рече Фон дер Лајен.

Фото: Независен.мк