Стопанска комора во понеделник ќе бара итна средба со Владата и со РКЕ

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија – Бранко Азески на денешната прес-конференција по повод 100 години од почетокот на коморското работење во земјава изјави дека СКМ има изготвено мерки за надминување на проблемите на компаниите со струјата и во понеделник ќе бараат итна средба со Владата и со Регулаторната комисија за енергетика.

Мерките, според него, се конципирани на зголемување на домашното производство на електрична енергија. Предлагаат да се направи се што е можно во рамки на ЕСМ за да се активираат сите капацитети, вклучително и капацитетот во Неготино, да се одложат ремонтите во РЕК и да се стават во функција сите фотоволтаични капацитети.

„Сите овие мерки се врзани за определни парични средства. Во моментот се носи ребалансот на Буџетот, а Меѓународниот монетарен фонд тактизира околу поддршката и тоа и дава силен аргумент на Владата да ги одоговлекува процесите, но во моментот цениме дека нема никаков простор за откажување и во текот на следната недела Владата ќе мора да се изјасни околу ова прашање“ – рече Азески.

Комората смета дека Владата поради политичките случувања во државата доцни со мерките за надминување на енергетската криза.

„Се обидува тоа да го направи преку зголемување на капацитетите на ЕСМ и воведување на определени заштеди, меѓутоа тоа, според нас, не е можно затоа што оценката на Македонската енергетска асоцијација е дека состојбите во ЕСМ не се такви, ниту кадровски, ниту технички, ниту логистички, за да може тоа да го постигне. Значи ако во ваква ситуација, ние бараме решение и за парното греење и за домашното производство, тоа едноставно во овој момент ЕСМ не може да го издржи. Затоа нашите барања се сконцентирани на тоа посебно да се води сметка за фирмите, незанемарувајќи ја поддршката за граѓаните“ – рече Азески.